По повод Денот на руската дипломатија, Амбасадата на Русија денеска организираше свечена церемонија на која се положија венци на споменикот „Рускиот крст“, подигнат на местото на трагичната смрт на рускиот императорски конзул Александар Ростковски во 1903 година, како и на гробовите на руски сонародници, меѓу кои и првиот драгоман на Рускиот конзулат во Битола, Антон Лапе.
Свештеници на Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, предводени од Митрополитот преспанско-пелагониски Петар, отслужија традиционална панихида во чест на загинатите руски дипломати.
На настанот присуствуваа пратеникот Драган Недељковиќ, почесни конзули, претставници на локалната самоуправа, политички партии, компании, руски сонародници и активисти на здруженијата за македонско-руско пријателство.
Привремениот вршител на должноста амбасадор на Русија, Владимир Дјаков, им се обрати на присутните со пригоден говор.






































