- Кипар има амбициозна цел да придонесе кон „преобликувањето на иднината на Европската Унија“, која овие денови ја потресуваат сѐ посилни геополитички турбуленции во услови на меѓусебни несогласувања и внатрешни судири за моќ на бриселските евроелити. Исто така и Кипар како нов претседавач на ЕУ е опфатен во корупциски скандали и афери, кои допираат до самиот врв на државата – до претседателот Христодулидес
По 14 години, Кипар од први јануари годинава повторно го презеде шестмесечното претседавање со Европската Унија во геополитички многу чувствителен момент со нагласена цел да придонесе кон обликувањето на улогата на Унијата на глобалната сцена. Кипарскиот претседател Никос Христодулидес на 21 декември 2025 година објави официјален документ, во кој, покрај другото, пишува: „Кипарското претседателство ќе следи амбициозен пристап, насочен кон резултати и заснован врз следните главни приоритети: (1) автономија на ЕУ преку безбедност и одбранбена подготвеност (2) отвореност кон светот (3) автономна унија на вредности што никого не остава зад себе… Сега е време Европа да ја дефинира и да ја преобликува својата иднина со заземање асертивен (самосвесен, самоуверен – л. заб.) пристап кон автономијата. Ова е она што се очекува од… предвидлив партнер, кој е цврсто вкотвен во мултилатерализмот и целосно посветен на Повелбата на Обединетите нации (ОН) и меѓународното право… Овие принципи го водат градењето сила преку робусни партнерства засновани врз правила“.
Значи, Кипар има амбициозна цел да придонесе кон „преобликувањето на иднината на Европската Унија“, која овие денови ја потресуваат сѐ посилни геополитички турбуленции, исто како и островската држава опфатена во корупциски скандали и афери, кои допираат до самиот врв на државата – до претседателот Христодулидес. Во својата анализа со наслов „Обвинувањата за корупција на највисоко рамниште го потресуваат Кипар додека го презема претседавањето со ЕУ“, објавена на 9 јануари годинава, „Политико“ пишува дека исто како што Владата на Кипар треба да се концентрира на своето претседавање со Советот на ЕУ, „таа мора да се справи дома со контроверзноста на едно видео што кружи низ интернет и во кое се тврди за постоење корупција на највисоко рамниште“.
– Во тоа видео се снимени високи функционери како очигледно опишуваат начини за заобиколување на ограничувањата за трошење во кампањи со донации во готово и навидум разговараат за шема што им овозможува на бизнисмените пристап до претседателот Христодулидес и неговата сопруга. Видеото содржи снимки од Јоргос Лакотрипис, поранешниот министер за енергетика, и Хараламбос Хараламбус, шефот на кабинетот на претседателот на Кипар.
На снимките, Лакотрипис е претставен како контакт-точка за луѓе што бараат пристап до Христодулидес. Се чини дека тој го води својот соговорник низ процесот за плаќања над ограничувањето од еден милион евра за кампањата – наведува „Политико“.
Натаму овој портал изнесува дека на споменатото видео се гледа Хараламбус, инаку и шура на Христодулидес, кој објаснува за „начините како да се добијат повластен третман и пристап до претседателот Никос“.
– Ние сме главните, двата контакта тука во палатата, веднаш до претседателот – вели тој, додавајќи дека „заинтересираните страни би можеле да му се обратат на претседателот со предлог и пари, што би можеле да бидат насочени кон социјални придонеси“. Владата на Кипар ги негира обвинувањата изнесени во видеото и го нарекува „хибридна активност“ насочена кон оштетување на „имиџот на владата и земјата“. Владата не вели дека видеото е лажно, но инсистира дека „коментарите се поврзани на погрешен начин“. Се чини дека снимката е снимена со скриени камери на приватни состаноци. Неубедени, опозициските партии сега повикуваат на понатамошни мерки – пишува „Политико“.
Овој бриселски медиум го наведува и „остриот одговор“ на кипарскиот претседател Никос Христодулидес.
– Во врска со плаќањата извршени од бизнисите, тој рече дека компаниите мора да нудат и социјални бенефиции во рамките на корпоративната општествена одговорност за државата. Тоа го прават во областите на здравството, благосостојбата, одбраната и многу други области. Би сакал јавно да го повикам секој што има докази за директни или индиректни финансиски добивки за време на изборната кампања или за време на мојот мандат како претседател на републиката веднаш да ги достави до надлежните државни органи. Нема да му дадам никому, апсолутно никому, право да ме обвинува за корупција – изјави шефот на кипарската држава, а објави „Политико“.
Аферата „Видеогејт“ претставува силен удар врз меѓународниот углед на Кипар
Кипарската полиција веќе започнала истрага околу јавните обвинувања за корупција, во кои се споменуваат суми милиони евра, кои значи би требало да се слеваат преку Јоргос Лакотрипис и Хараламбос Хараламбус, како „контакт-точки“ за сите бизнисмени и други заинтересирани што бараат „пристап до Христодулидес“, со „инструкции“ како да ги плателе потребните „социјални придонеси“. Кипарскиот весник „Политис“ се огласи со жестоки видувања околу овој случај, кој веќе се означува како „врвен корупциски скандал“.
Во анализата со укажувачки наслов „Ребрендирањето на Кипар пропаѓа под тежината на Видеогејт“, објавена на 18 јануари, весникот употребувајќи го изразот „Видеогејт“ за видеоснимката повлекува директна паралела меѓу кипарскиот претседател Никос Христодулидес и поранешниот американски претседател, републиканецот Ричард Никсон, кој беше принуден да поднесе оставка на 9 август 1974, откако изби таканаречената афера „Вотергејт“. Тоа беше политички скандал во САД од 1972-1973 г. по откривањето уреди за прислушување во изборниот штаб на соперничката Демократска партија во комплексот Вотергејт во Вашингтон. Кажано со други зборови, „Политис“ како да го повика јавно и Христодулидес да поднесе оставка како своевремено Никсон!
– Осумминутното видео ѝ нанесе тежок удар на меѓународната слика за Кипар, веќе оптоварена со скандалот со златните пасоши (продавањето пасоши од самата држава за одредена сума пари – л.заб.), што се одвиваше под поранешниот претседател Никос Анастасијадес. Кипар стана предмет на меѓународен потсмев. Претседателската палата повторно беше поврзана со практики на вплеткување и корупција. Последица се обновената ерозија на кредибилитетот на Кипар и непријатната изложеност пред европските партнери, во време кога земјата го има ротирачкото претседателство со Советот на Европската Унија – напиша „Политис“ во својата анализа.
Овој кипарски весник забележува дека „горчливата иронија е што појавата на новото видео се совпадна со глобална кампања насочена кон поправка на меѓународниот углед на Кипар и да се претстави како доверлива бизнис и инвестициска дестинација“.
– Тој напор имаше цел да ја поправи штетата, нанесена од програмата „златни пасоши“, откриена во октомври 2020 година преку тајна истрага на Ал Џезира, која ја разоткри длабочината на корупцијата и институционалното распаѓање во Кипар. Сега ќе бидат потребни нови напори да се обноват меѓународниот углед и доверливоста на Кипар во очите на меѓународната заедница – заклучува „Политис“.
За обележување е и оставката што, набргу по обелоденувањето на кипарскиот „Видеогејт“, ја поднесе шефот на кабинетот на претседателот Никос Христодулидес, Хараламбос Хараламбус. Кипар ќе претседава шест месеци со ЕУ, а прашање е дали е можеби сосема „погодно избран“ токму тој како држава да го води елитниот клуб: масовна корупција и врвни корупциски скандали во Кипар – масовна корупција и врвни корупциски скандали во ЕУ?! Уште од 2013 година корупцијата во Кипар е главна и сѐ поголема грижа за народот на Кипар: од 2022 година веќе дури 94 проценти од Кипарците сметаат дека „корупцијата е широкораспространета во земјата“. Во ноември 2023 година, меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари „Пејпер треил медија“ и 69 медиумски партнери, вклучувајќи ги и „Дистрибуирано негирање на тајните“ и „Проектот за известување за организиран криминал и корупција“, заедно со повеќе од 270 новинари во 55 земји и територии го изработија извештајот со наслов „Кипарски доверливо“ („Cyprus Confidential“).
Ширењето на организираниот криминал дополнително го оптоварува кипарското претседавање со ЕУ
Се наметнува уште еден аспект што го проблематизира Кипар како претседавач со ЕУ, не само поради тоа што корупциски се поткопани неговата кредибилност и меѓународен углед: омасовеноста не само на корупцијата туку и на организираниот криминал и на активностите на кипарското подземје.
– Никос Лоизидес, претседателот на Исотита – полицискиот синдикат, започна полемика за полициското раководство и справувањето на државата со организираниот криминал, по насилната конфронтација во близината на полициската станица во Ларнака. Лоизидес го обвини раководството на полицијата и на самата држава за корупција и за груба негрижа.
– Или сте корумпирани или спиете стоејќи – рече тој, напаѓајќи го министерот за правда Костас Фитирис дека „губи пет спрема нула од кипарското подземје“ и предупредувајќи дека „најлошото допрва доаѓа“ – истакна информативниот портал „Сајпрус мејл“ во својата статија со наслов „Шефот на полицискиот синдикат предупредува дека Кипар го губи тлото поради организираниот криминал“.
Како што напиша порталот, Лоизидес рекол дека „организираниот криминал во Кипар во голема мера функционира неконтролирано“.
– Треба да се преземе одговорност, бидејќи во моментов подземјето победува – предупреди овој шеф на полицискиот синдикат, наведе „Сајпрус мејл“. Св.Т.
































