Концерт на „Танец“ во чест на уметникот што остави неизбришлив белег
„Велат дека игроорците не заминуваат засекогаш, тие само го менуваат ритамот. Симеон не беше само дел од овој ансамбл, тој беше дел од душата на секое оро, секој чекор и секое искрено ‘Аирлија!’ зад сцената. Со својата посветеност, ведар дух и неизмерна љубов кон татковината, тој остави трага што времето не може да ја избрише… “, се наведува во најавата за концертот на ансамблот „Танец“, кој ќе се одржи на 27 февруари во МНТ.
– Ве покануваме на една незаборавна вечер посветена на ликот и делото на прерано заминатиот Симеон Чулев. Под насловот „Чекори што не згаснуваат“, овој настан ќе нѐ поведе низ емотивна музичка ретроспектива и славење на трајните вредности што тој ги остави зад себе – велат од „Танец“.
Вечерта е посветена на ликот и делото на прерано заминатиот Симеон Чулев, како емотивна музичка ретроспектива и славење на трајните вредности што тој ги остави зад себе.
– Загубата на Симеон Чулев е огромна и ненадоместлива за целиот ансамбл. Тој беше нераскинлив дел од игроорниот кор на „Танец“, уметник што со својата посветеност, енергија и врвно мајсторство остави неизбришлив белег во историјата на македонската фолклорна уметност. Симеон Чулев беше повеќе од игроорец, тој беше симбол на македонската традиција и култура. Неговите настапи беа полни со страст и енергија, оставајќи силен впечаток кај публиката. Тој им беше ментор на многу млади игроорци, пренесувајќи ги своето знаење и љубов кон фолклорот. Неговата работа и придонес кон „Танец“ ќе бидат вечно ценети, а неговото име ќе остане впишано во аналите на македонската уметност – велат од „Танец“.
Неговата посветеност, талент и страст кон танцот ќе останат запаметени од многу генерации танчари и љубители на уметноста. Чулев беше познат по своите извонредни изведби и значајни кореографии. Неговата работа со „Танец“ остави неизбришлива трага, а неговото влијание се чувствува и денес. Веста за неговата смрт минатиот месец предизвика голема жалост во уметничките кругови, а колегите и пријателите се збогуваа со човекот што даде огромен придонес кон македонската култура.
Ова е уште еден значаен настап на националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, кој има изведено многу музичко-сценски бисери од богатата фолклорна ризница, кои датираат од различни периоди на дејствувањето на ансамблот, прекрасните ора и кореографски постановки како „Тешкото“, „Женско чамче“, „Драчевка“, „Свадба“, „Два танца“, „Џамала“, „Пиринско пролетно цвеќе“, „К’лц нога“, „Копачка“, „Беломорски бисер“, „Малешевка“, „Радовишки собор“ и многу други вокални и вокално-инструментални точки, во изведба на вонсериските национални уметници на ансамблот.
Ансамблот е основан во март 1949 година во Скопје и веќе 75 години е еден од најстамените столбови на македонската традиција и култура и, недвосмислено, еден од главните темели на македонската државност. Формиран е со цел да ги собира и негува македонските традиционални игри и песни, народните инструменти и носии и, преку соодветен уметнички израз, сценски да ги претстави највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ. „Танец“ денес е една од најблескавите страници на македонската културна историја, за што се заслужни сите генерации што ја градеа и реализираа јасно поставената програмска активност на основачите, и ансамблот низ годините се разви и прерасна во институција за почит, издигнувајќи се на нивото на уметничка извонредност и стекнувајќи се со статусот на македонска национална гордост пред публиката низ светот. В.Д.
































