„СПОРТИСТ НА ГОДИНАТА 2025“

  • Она што го води спортот се упорноста, дисциплината и љубовта кон спортот и затоа од тука можам да ветам дека сите пречки, без разлика на нивната големина, ќе бидат совладани и спортот ќе го поставиме на вистинските патеки, рече на традиционалната манифестација министерот за спорт Борко Ристовски

Боксерот Ален Рустемовски и бодибилдерката Катерина Попева ги добија признанијата најдобар спортист и спортистка за 2025 година на традиционалната манифестација „Спортист на годината“, во организација на Министерството за спорт и Сојузот на спортски федерации на Македонија (ССФМ), која се одржа по 71. пат. Покрај големиот број спортисти, спортски легенди и претставници на националните спортски федерации, на оваа голема спортска манифестација присуствуваа и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ресорни министри и претставници на локалната самоуправа.
Сребрениот медал и европската вицешампионска титула од Европското првенство (ЕП) до 23 години во Ереван (Ерменија), како и освојувањето на „Златен гонг“ во 2025 на талентираниот македонски боксер Ален Рустемовски му го донесоа заслуженото признание – спортист на годината, според гласовите од националните спортски федерации и од медиумите. Во оваа категорија, покрај Рустемовски, за спортист на годината беа номинирани и Енис Барди (фудбал), Стефан Михајловски (кикбокс и маитаи), Андреас Трајковски (атлетика) и Владимир Егоров (борење).
Победничката во женска конкуренција, Катерина Попева, изминатата година ја обележи со титулата шампионка на Светското првенство (СП) во фитнес и бодибилдинг, кое се одржа во Санта Сусана (Шпанија). Во конкуренција за најдобра македонска спортистка за 2025 година беа уште и Ангела Мојсовска (карате), Александра Марковска (фудбал), Катерина Ацевска (џиу џица) и Сашка Колеска (спортски танци).
Министерот за спорт Борко Ристовски упати честитки за добитниците и за сите номинирани спортисти, со порака да продолжат да се борат, никогаш да не се откажуваат и да веруваат во себе, оти тоа е единствениот пат до успехот.
– Она што го води спортот се упорноста, дисциплината и љубовта кон спортот и затоа од тука можам да ветам дека сите пречки, без разлика на нивната големина, ќе бидат совладани и спортот ќе го поставиме на вистинските патеки. Благодарен сум што во овие неполни две години зад успесите и развојот стои поддршката што ја обезбедуваме преку програмите и проектите на Владата и на Министерството за спорт. Продолжуваме да работиме на унапредување на спортската инфраструктура, на давањето повеќе можности, поддршка за врвниот спорт, за најуспешните македонски спортисти и за македонскиот спорт во целина – рече Ристовски. Г.И.


Добитници по категории:

Спортист на годината: Ален Рустемовски (бокс)
Спортистка на годината: Катерина Попева (бодибилдинг и фитнес)
Најуспешен млад спортист: Адријан Рустемовски (бокс)
Најуспешна млада спортистка: Даниела Алексовска (бразилска џиу џица)
Најуспешен женски национален тим: Ракометна репрезентација на Македонија
Најуспешен машки национален тим: Одбојкарска репрезентација на Македонија
Најуспешен тренер/селектор: Могамед Ибрагимов (борење)
Најуспешна национална спортска федерација: Џудо-федерација на Македонија
Најуспешен спортист со инвалидитет: Андреј Стојановски (пливање)
Најуспешна спортска екипа од универзитетите: Машкиот тим во мал фудбал на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје
Најуспешен спортски клуб од средните училишта: СУГС „Никола Карев“ – Скопје
Најуспешен спортски клуб од основните училишта: ООУ „Никола Карев“ – Кочани
Плакета за постигнати резултати на талентиран млад спортист: Петар Цеков (пливање).