• Џаред Кушнер тврдеше дека американскиот план за уредување на Газа би бил можен ако се создадат безбедносни услови и брзо се обноват градовите што сега се во урнатини, по повеќе од две години војување меѓу Израел и Хамас

Модерни градови со елегантни високи згради, уредено крајбрежје што привлекува туристи и најсовремено пристаниште што се протега во Медитеранот. Ова го замислува Џаред Кушнер во неговите планови за Газа, според презентацијата што зетот на американскиот претседател Доналд Трамп и советник за Блискиот Исток ја одржа на економскиот форум во Давос, Швајцарија.
Во својот 10-минутен говор Кушнер тврдеше дека тоа би било можно ако се создадат безбедносни услови и брзо се обноват градовите во Газа што сега се во урнатини по повеќе од две години војување меѓу Израел и Хамас.
– На Блискиот Исток тие градат градови како овој… за три години. И на тој начин, вакви работи се многу остварливи, ако успееме – рече Кушнер, кој помогна во посредувањето за прекин на огнот што е во сила од октомври.
Тој временски рок е во спротивност со очекувањата на Обединетите нации и Палестинците за многу долг процес за рехабилитација на Газа. Низ територијата со околу два милиони луѓе, поранешните станбени блокови се претворени во „ридови“ од урнатини под кои се кријат неексплодирани убојни средства додека болести се шират поради водата загадена од канализацијата, а градските улици изгледаат како кањони.
Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги вели дека Газа има повеќе од 60 милиони тони урнатини, доволни за да се наполнат речиси 3.000 контејнерски брода. Според нивните процени, ќе поминат повеќе од седум години за да се исчисти нередот, а потоа ќе биде потребно дополнително време за деминирање.
Кушнер зборуваше додека Трамп и мноштво светски лидери се собраа во Давос за да ја ратификуваат повелбата на Одборот за мир, телото што ќе ги надгледува процесот на прекин на огнот и реконструкцијата.

Реконструкцијата зависи од безбедноста

Кушнер рече дека неговиот план за реконструкција ќе функционира само ако Газа има „безбедност“, што е големо прашање. Останува неизвесно дали Хамас ќе се разоружи, додека секојдневно се случуваат оружени престрелки. Претставниците на милитантната група велат дека имаат право да се спротивстават на израелската окупација. Но, тие рекоа дека би размислиле за „замрзнување“ на оружените активности како дел од процесот за постигнување палестинска државност.
Откако стапи во сила последното примирје на 10 октомври, палестинското министерство за здравство проценува дека се убиени најмалку 470 Палестинци во Газа. Израел, пак, тврди дека отворил оган како одговор на кршењата на примирјето. Соочен со овие предизвици, Одборот за мир соработува со Израел на „деескалација“, рече Кушнер, насочувајќи го своето внимание кон демилитаризацијата на Хамас – процес што би го управувал палестинскиот комитет поддржан од САД што ја надгледува Газа.
Далеку е од сигурно дека Хамас ќе му се потчини на комитетот, при што се предвидува да ѝ ја предаде контролата врз Газа на реформирана палестинска власт. Од Хамас велат дека ќе ја распуштат владата за да направат место за новата власт, без да дадат појаснувања што ќе се случи со нивните борци или оружје. Хамас ја презеде контролата врз Газа во 2007 година од Палестинската власт.
Друг фактор што би можел да го комплицира разоружувањето е постоењето на конкурентски вооружени групи во Газа, за кои во презентацијата на Кушнер се вели дека или ќе бидат распуштени или „интегрирани во комитетот“.
Без безбедност, рече Кушнер, нема да има начин да се привлечат инвеститори во Газа и да се стимулира растот на работните места. Најновата заедничка процена од ОН, Европската Унија и Светската банка е дека обновата на Газа ќе чини 70 милијарди долари. Реконструкцијата нема да започне во областите што не се целосно разоружени, се наведува во презентацијата на Кушнер. Планот на Кушнер избегнува споменување на тоа што ќе прават Палестинците во меѓувреме. Кога го откри својот план за обнова на Газа, Кушнер не кажа како ќе се спроведува деминирањето или каде ќе престојуваат жителите на Газа додека нивните области се обновуваат. Во моментов повеќето семејства се засолнуваат во дел од земјиштето што вклучува делови од градот Газа и поголемиот дел од крајбрежјето на Газа.
Во визијата на Кушнер за Газа, ќе има нови патишта и нов аеродром (стариот беше уништен од Израел пред повеќе од 20 години), ново пристаниште и област по должината на крајбрежјето наменета за „туризам“, каде што моментално живеат повеќето Палестинци. Планот предвидува осум „станбени области“ со паркови, земјоделско земјиште и спортски објекти. Кушнер, исто така, ги истакна областите за „напредно производство“, „центри за податоци“ и „индустриски комплекс“, иако не е јасно кои индустрии ќе ги поддржат. Тој исто така рече дека изградбата прво ќе се фокусира на изградба на „домови за работната сила“ во Рафа, јужен град што беше десеткуван за време на војната и моментално е контролиран од израелски трупи. Американскиот претставник истакна дека расчистувањето на урнатините таму веќе е во тек.

Кушнер не се осврна на тоа дали ќе се случи деминирање, додека Обединетите нации велат дека насекаде низ Газа има неексплодирани гранати и проектили, што претставува закана за луѓето што пребаруваат низ урнатините. Групите за човекови права велат дека активностите за расчистување на урнатините и деминирање не се одвиваат соодветно во зоната каде што живеат повеќето Палестинци, бидејќи Израел спречил влез на тешка машинерија.
По Рафа ќе следува реконструкцијата на градот Газа, рече Кушнер, или поточно Нова Газа, како што се нарекува во неговата презентација. Новиот град би можел да биде место каде што луѓето ќе „имаат одлично вработување“, рече тој.
Номи Бар-Јаков, меѓународен адвокат и експерт за решавање конфликти, го опиша почетниот концепт на одборот за реконструкција на Газа како „тотално нереален“ и индикација дека Трамп го гледа просторот од перспектива на инвеститор во недвижности, а не од перспектива на миротворец.
– Проект со толку многу високи згради никогаш не би бил прифатлив за Израел бидејќи секоја би обезбедила јасен поглед на неговите воени бази во близината на границата – рече Бар-Јаков, кој е соработник во Женевскиот центар за безбедносна политика.
Згора, во презентацијата на Кушнер се наведува дека комитетот на крајот ќе ѝ го предаде надзорот над Газа на Палестинската власт откако ќе ги спроведе реформите. Но израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху категорично се спротивстави на каков било предлог за повоена Газа што ја вклучува Палестинската самоуправа. Дури и на Западниот Брег, каде што владее, Палестинската самоуправа е широко непопуларна поради корупцијата и перципираната соработка со Израел.