Директорот на владината Служба за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, најави дека е во план заедно со Град Скопје да се реализира проект за обновување и модернизација на жичницата до Водно.
Говорејќи во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа, Томовски информираше дека наместо претходно планираната траса од црквата „Свети Јован“ кон Средно Водно, се предлага поврзување од болницата Козле до Средно Водно
Како што посочи, оваа локација нуди поширок простор каде што може да се обезбеди монтажен паркинг, што би им овозможило на граѓаните безбедно да ги остават своите возила и да продолжат понатаму.
-Доколку сакате вие да го паркирате возилото и да бидете сигурни дека има паркинг, за разлика од претходната локација, каде реално нема каде да паркирате возило, и треба да одите пеш – вели Томовски.
Тој најави дека во текот на утрешниот ден треба да се одржи состанок со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на кој ќе се разговара за двете теми, трасата и начинот на финансирање на проектот.
-Во текот на утрешниот ден имаме состанок на двете теми, со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ќе ги разговараме двете теми, повоторно ќе бараме начин на финансирање и средства од каде можат да се обезбедат тие средства – додаде Томовски.



































