Фото Горан Анастасовски

Македонија и светот во 2025 година

Изминатата 2025 година во Македонија ќе ја паметиме како година што нè стави на испит, но и како година што нè потсети на нашата издржливост. Не беше лесна, не беше спектакуларна, но беше важна. Година во која многу работи се случија, многу прашања се отворија и многу лекции се научија – тивко, без еуфорија, но со јасна порака дека општеството мора да го продолжи процесот на напредок на сите полиња, на зреење и на усовршување.
По 35 години независност, Република Македонија (Северна) веќе е етаблирана држава, ниту доволно млада ниту доволно стара, но, сепак, се судира со сите процеси на општественото уредување и државотворното зреење. На меѓународен план годината што изминува беше и европски бурна, изразена преку војната во Украина, чии рефлексии се чувствуваат и кај нас.

Трагедијата во Кочани – момент на тишина и заедништво

Еден од најтешките и најтажни настани во 2025-та беше трагедијата во Кочани. Настан што ја погоди не само локалната заедница туку и целата држава. Во тие денови кога во пожар во дискотека животот го загубија 62 млади лица, Македонија застана. Се обви во тага. Тагата беше заедничка, но истовремено се појавија и чувство на солидарност, човечност и поддршка за настраданите и нивните семејства.
Кочани во 2025 година стана потсетник колку е вреден секој човечки живот и колку е важно системот и институциите и поединците да функционираат навреме и одговорно. Но истовремено, тој момент покажа дека кога е најтешко, општеството знае да биде обединето и достоинствено. Впрочем, 2026 година ќе помине во знакот на барање одговорност преку судскиот процес што веќе се одвива. Сите се надеваат дека правдата ќе биде задоволена.

Локалните избори 2025 – важен демократски момент

Од политички и општествен аспект, локалните избори во 2025 година беа значаен настан што го покажа натамошниот развој на демократијата во државата. Изборите поминаа во фер и демократска атмосфера, без инциденти и без поголеми проблеми. Граѓаните во сите општини избраа нови градоначалници и членови на нови локални совети, но најважно – испратија порака дека граѓаните сакаат подобро управување и повеќе одговорност, како на локално така и на државно ниво.
Убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ пред партијата постави нови одговорности, со надеж дека локалната власт ќе се потврди како клучна алка меѓу државата и граѓанинот, таму каде што проблемите најбрзо се чувствуваат, но и каде што најбрзо може да се види напредок.

Економијата – година на трпение и приспособување

Економската состојба и во 2025 година остана сериозен предизвик за стопанството и за голем дел од граѓаните. Рецидивниот дел од претходниот повеќегодишен период и пристап сѐ уште жилаво се држи, опструирајќи ги новите иницијативи и замислените реформи, правејќи намалена животворност. Стопанството пробуваше низ обиди за институционално партнерство со државните органи, како и со потесна соработка со синдикатите, да направи повеќепартитна синергија, за националната економија да добие замаец за подинамичен развој и раст. Растот на БДП покажа дека секој почеток е тежок, но изминатава година отвори перспективи за уште подлабоки и поефикасни економски реформи. Државата се обидуваше да најде рамнотежа меѓу стабилноста и поддршката, а стопанството, и покрај тешкотиите, продолжи да функционира. Малите бизниси, земјоделците и занаетчиите покажаа дека економијата не е само бројка туку пред сè луѓе што не се откажуваат.
За граѓаните, цените на основните производи, енергијата и услугите и понатаму го притискаа семејниот буџет. Сепак, ова беше и година во која многумина научија да се приспособуваат, да штедат, да ја анализираат својата ефикасност, да работат повеќе и да бараат нови можности.

Политичкиот и општествениот амбиент – време на преиспитување

Всушност, 2025-та беше година на политички дебати, различни визии и често спротивставени ставови. Но истовремено беше и година во која граѓаните станаа посвесни и погласни. Сè повеќе се зборуваше за одговорност, за квалитет на управувањето и за потребата од долгорочни решенија.
Во општеството се почувствува замор од конфликти, но и желба за нормалност, стабилност и ред. Иако од повеќе официјални места и лидери беше повикувано на потребата за елементарно национално единство, таква кохезија не е постигната. Напорите што се вложуваат, некогаш тивки, некогаш подзасилени, може да бидат темел за идни перспективи, за поголема меѓупартиска соработка, за оформување платформа што ќе ја гарантира иднината на државата.

Европската перспектива – пат што бара трпение

И во 2025 година, патот кон Европската Унија остана бавен и исполнет со предизвици. Процесот не донесе брзи резултати, но остана присутен како стратешка насока. Годината потсети дека европските вредности не се само цел туку и обврска – кон владеење на правото, институционална стабилност и почит кон граѓанинот. Пречките што нашата држава ги има на тој пат навистина се познати и нема потреба да се елаборираат посебно. Тие не се совладуваат лесно и прекуноќ. Условите што се поставени упатуваат на трезвеност, рационалност, промисленост и пред сѐ – стрпливост. Нема потреба од жртвување инсигнии што дополнително би нѐ обезличиле.

Поглед кон иднината

Кога ќе се соберат сите случувања, 2025 година не може да се сведе на една реченица. Таа беше мешавина од тешки моменти и тивки надежи, од предизвици и засега мали, но барем сигурни и решителни чекори напред. Не беше година на големи победи, но беше година на отрезнување од ударите што ги примавме однадвор, година на враќање во кондиција низ учење и созревање.
Со влезот во 2026 година, останува вербата дека ќе има повеќе свест, разум, максимално залагање и работа, посветеност кон целите, повеќе дијалог и повеќе внимание, концентрација, а со тоа и ефикасност. Дека лекциите од 2025-та ќе се претворат во посуштински одлуки, а тешките моменти во поттик за промена кон подобро. Нека ни е новата година полна со здравје, мир, повеќе продуктивност и најголема човечност.

Среќна и бериќетна Нова година на сите. Р.Н.М.