Македонска делегација, предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со тимот од Секторот за нафта и гас во Министерството и раководните лица од Номагас, МЕМО и МЕПСО, престојуваше во Белград на покана на српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Хандановиќ Ѓуровиќ. Главниот фокус на посетата беше забрзаната реализација на гасниот интерконектор меѓу Македонија и Србија – проект од стратешко значење за регионалната поврзаност и долгорочната енергетска безбедност.
Како што информира Министерството за енергетика, на работната средба беа разгледани клучните технички, финансиски и институционални чекори потребни за продолжување на активностите за изградба на интерконекторот. Овој инфраструктурен проект, со вкупна должина од околу 67 километри (23 km на територијата на Северна Македонија и 44 km во Србија), ќе ги поврзе гасните системи на двете земји – на македонска страна со приклучување кај Клечовце, а во Србија со националната гасоводна мрежа во близина на Врање.
За финансирањето има интерес и од Светската банка и други комерцијални банки, бидејќи интерконекторот претставува дел од пошироката визија за интегриран, диверзифициран и сигурен регионален пазар на гас. Согласно усогласената динамика, неговата изградба се очекува да биде завршена во текот на 2027 година. Во 2028 година низ новиот гасовод се очекува да протече и првиот гас. Интерконекторот е предвиден и да биде технички подготвен за идниот транспорт на водород, усогласено со долгогодишните европски енергетски цели и зелените политики.
Министерката Божиновска истакна дека проектот напредува согласно утврдена и усогласена динамика меѓу двете работни групи.
-Интерконекторот со Србија е клучниот проект што ќе ја отвори нашата земја кон нови извори на гас и ќе ја засили регионалната енергетска стабилност. Но ова е и една од најважните инфраструктурни врски за целиот регион – значајна не само за Северна Македонија и Србија, туку и за цела Европа. Имаме завршени студии, усогласена рута и координирана акција која веќе се спроведува. Нашата цел е интерконекторот да стане реалност во најскоро време, затоа што секој ден е важен за сигурноста на граѓаните и економијата – истакна Божиновска.
Српската министерка Хандановиќ Ѓуровиќ ја нагласи важноста на заедничката регионална визија.
-Гасниот интерконектор со Северна Македонија е проект што има значење подалеку од нашите граници. Тој е дел од визија за регион кој е енергетски поврзан, стабилен и усогласен со европските цели. Соработката со министерката Божиновска и македонскиот тим е интензивна и конструктивна. Со поддршка од ‘Транспорт гас Србија’ и ‘Номагас’ ќе создадеме нова енергетска оска на стабилност меѓу двете земји. Се согласивме на интензивни редовни средби, со цел интерконекторот да стане реалност во најскоро време – рече министерката.
Двете делегации ја потврдија целосната посветеност за интензивна координација и навремено исполнување на сите обврски.
На крајот од средбата беше потврдена заедничката определба за силна институционална и техничка координација со јасна цел – гасниот интерконектор Северна Македонија – Србија да стане функционална, модерна и безбедна енергетска врска која ќе обезбеди поголема сигурност, диверзификација и регионална интеграција, во интерес на граѓаните, економијата и целиот регион.
Дел од делегацијата што ја предводеше министерката Божиновска, беа и директорот на Номагас, Недим Рама, заменик директорот на МЕПСО, Александар Пауновски, директорот на МЕМО, Зоран Ѓеорѓиевски и раководителот на Секторот за нафта и гас при МЕРМС, Горан Николовски.






























