Повод: Најавата за проектот „Бомби 2.0“
Македонија повторно ќе стане сведок на стар, одамна истрошен политички театар. Се најавуваат нови бомби, стари рецепти, истите инструменти што пред една деценија ја фрлија државата во историски хаос. Но денес има една суштинска разлика: тогаш бомбите беа алатка за полесен пат кон власта, денес, тие да се алатка за очајничко самоодржување на политичката сцена. При нашиот став за да направиме редакциски осврт, пред сѐ истакнуваме дека во продолжение не станува збор „за партиска определба или за заземање страна“, туку за искрена реакција врз основа на разумно, искуствено и објективно расудување за негативните последици што бомбите ќе ги предизвикаат во македонското општество. Затоа јасно порачуваме дека ова не е стратегија за напредок и општо добро на државата и нацијата, туку нечија кусогледа и панична реакција.
Кога оној што ги „реформираше“ институциите не верува во своите реформи на институциите
До скоро, во изминативе години ни се повторуваше една мантра: дека правосудството е независно, професионално, европско, дека реформите успеале, дека системот функционира. Но со најавата на нови бомби едноставно јавно се потврдува впечатокот дека оние што темпираат бомби, не веруваат во тоа. Ако навистина тие веруваат во институциите, зошто не ги достават доказите во обвинителство? Или им недостига специјалното јавно обвинителство, кое „ревносно“ се справуваше со криминалот и високата корупција?! И зошто да се избира улица наместо судница? Зошто се руши државата наместо низ еден институционален тек и процедура да се засили кондицијата на правната држава што самите ја фалеа? Затоа што, потсетуваме, ја имаа и таа свесност при промената на името, а сега и умислата за априори промената на Уставот. И се обидоа да го направат тоа процедурално, но не успеаја.
Со бомбите денес не се нуди политика, ниту решенија, ниту стратегија. Единственото што се нуди е старо, испукано оружје, кое еднаш се употреби и ја остави државата во хистерија и поделби.
Граѓаните бараат одговорност, а не спектакли. Бомбите во јавноста не донесоа вистинска правда ни тогаш, ќе донесат ли сега? Тогаш, ниеден случај не беше затворен како што нацијата очекуваше, ниедна суштинска реформа не беше завршена. Се создаде лавина од материјали што со години ја хранеше политичката криза и ништо повеќе. И сега, наместо да се понуди визија, план или програма, се нуди оглас од типот: „Немаме идеи. Имаме само снимки“. (!?)
Операција за дестабилизација, не за правда
Објавување материјали надвор од правниот систем не носи правда. Тоа не е веќе ниту јавен интерес, како што го толкуваа претходно, и бомбите беа ставени на пиедесталот на материјални докази. И ништо не се постигна. Никаков скок на квалитетот на општественото живеење. Ваквиот потег не носи реформи. Не носи стабилност. Носи единствено недоверба во институциите, политичка радикализација, медиумски хаос, удар по државните и национални интереси и на домашен и на надворешен план.
Така, доаѓаме до суштината, која очигледно бомбашите не можат да ја видат. Или ја гледаат, но се ориентираат според максимата „по мене – потоп“:
Ова не е напад на власта, туку е агресија врз државата! Секој обид да се заобиколат институциите е директен удар врз државниот поредок, односно недавање шанса институциите да покажат дали има прогрес во нивната функционалност, дали има напредок во системот, кој се дизајнира да биде во функција на граѓаните. Барем така се декларираат сите политички партии што партиципираат или партиципирале и во власта и во опозицијата, партиципирале во раководење со институциите.
И сега, ако една партија е подготвена повторно да ја потоне државата креирајќи кризна атмосфера за да добие неколку проценти плус – тогаш проблемот е многу поголем од политичка кампања. Ова е прашање на широк дијапазон: Од прашање на политички морал и етика, до прашање за обид за рушење на системот и де факто државен удар.
Влијанијата однадвор придонесоа да се игнорираат потребите на нацијата и на државата
Не е тајна дека многу центри на моќ дејствуваат во нашата држава. Не е тајна дека токму тие центри туркаа многу проекти и процеси што државата скапо ги плати. Не е тајна дека многу наши политички чинители и поединци некритички ги прифатија странските проекти и процеси поради свои причини, какви и да се мотивите… Но жално е покрај сето искуство што досега го акумулиравме, повторно да гледаме исти матрици или исти „добронамерни совети“. Па со таквите зафати и априори послушности само искреиравме хаос, создававме сензација, ги оправдувавме сопствените неуспеси преку напади на блискиот свој. А нацијата? А народот? А граѓаните?!
Граѓаните се последна ставка во ваквата политичка равенка. Граѓаните се спомнуваат само кога треба да се оправда политичко рушење или да се објасни партиски промашен потег. Па партиите не треба да работат само за своите врхушки, или за странските поддржувачи, кои со деструктивни методи извлекуваат свои бенефити и интереси.
Ако постојат индикатори, нека цени обвинителството. Ако имаат потенцијал на докази, судот е местото каде што ќе се цени
Доколку материјалите се автентични и имаат доказна вредност – тие припаѓаат во суд. Не на прес-конференции, не на социјалните мрежи, Фејсбук, не на партиски трибини. Ако се избегнуваат законски надлежните институции, тоа значи или дека материјалите немаат правна тежина или дека се користат само како „политички чадни бомби“.
Македонската нација е изморена од спектакли, снимки, сензационализам и политички театар. Луѓето сакаат функционална држава, економија, сигурност, правна држава, владеење на правото. Со бомбите пласирани на овој начин, се нуди спротивното: политички деструктивни чекори што ја враќаат државата назад во 2001 година и во 2015 година. Но Македонија веќе не е таму. И граѓаните веќе не се таму.
Редакција „Нова Македонија“




































