Организацијата за развој Оксфам (Oxfam) соопшти дека продолжува да расте нееднаквоста помеѓу луѓето низ целиот свет.
– Милијардерите во земјите од Г20 го зголемиле своето богатство за 2,2 трилиони долари во текот на изминатата година. Таа сума би била доволна да се извлечат 3,8 милијарди луѓе од сиромаштија – се наведува во денеска објавената анализа на Оксфам, објавена пред Самитот на Г20.
Според Оксфам, со 1,65 трилиони долари годишно може да се искорени сиромаштијата за 3,8 милијарди луѓе, кои моментално живеат под линијата на сиромаштија на Светската банка, со 8,30 долари дневно.
Оксфам тврди дека милијардерите во земјите од Г20 го зголемиле своето комбинирано богатство за 16,5 проценти за една година, од 13,4 трилиони долари на 15,6 трилиони долари.
Самитот на Г20 почнува на 22 ноември во Јоханесбург. Групата ги обединува најголемите индустриски земји и економиите во развој.
Оксфам ги повика лидерите на Г20 да се заложат за создавање меѓународно тело за справување со нееднаквоста и да ги унапредат напорите за оданочување на супербогатите.
Се очекува намалувањето на нееднаквоста да биде централна тема на Самитот на Г20.


































