Вие ни пишувате
Здраво „Колибри“,
Ова лето јас со моите родители бев на неколку туристички места во нашата земја, како и надвор од неа, но успеав во слободното време да се посветам на мојата прва стихозбирка за деца, со наслов „Прстенчиња во лето“, каде што ги пренесов моите доживувања и размислувања за летниот период. Секоја песна како посебно прстенче што се носи на рацете претставува драгоцен камен, кој искрено им го подарувам на децата читатели, бидејќи богатството понекогаш многу повеќе се наоѓа во книгите и пишуваните дела отколку на друго место.
Книгата „Прстенчиња во лето“ е составена од 10 песнички, со соодветни и убави илустрации, проникнати од детската фантазија, што ја прави интересна за секое дете до 10-годишна возраст, за кои е и наменета.
Јас не само што пишувам редовно туку и многу читам, особено книги за деца од наши македонски писатели.
Во мојата библиотека што се наоѓа во детската соба имам многу книги, а, искрено, некои од нив сум ги препрочитала два или повеќе пати.
Мене многу ме интересираат и старите македонски зборови, за кои имам посебна тетратка во која ги запишувам и, секако, до зборот го ставам и неговото значење.
Затоа, особено ме израдува вашата рубрика, па со голема возбуда ви испраќам две мои песнички „Во Охрид“ и „Гусар“, кои се дел прстенчињата во книгата.
Се надевам дека ќе им се допаднат на читателите.
Дарија Краличин Павлеска,
9 години, од Скопје
Во Охрид
Кога сум на распуст
и имам време слободно,
јас сакам да шетам
во местото родно.
Да отидам во Охрид
по патот откај Стража,
да стасам што побрзо
на охридската плажа.
Да се возам со
педалинки
оние помали за деца
или риби да фаќам
со малата јадица.
Да се качам на рингишпил
како посебна згода,
велат ова лето тој бил
навистина во мода.
А потоа полека,
во центар
сладолед да земам
или под некоја сенка
да уживам и да дремам.
А навечер сонливо
ѕвездите да ги бројам
и планови за утредента
во главчето да кројам.
Гусар
Има еден гусар
голем ми е до колениците,
со црна облека
и значки на рамениците.
Во едната рака
црно знаме држи,
на главата голема капа
за сонцето кога пржи.
На окото обвиткано
има црн ластик,
можеби е повреден
од некој бродовласник.
Денови и ноќи на мориња
поминал многу битки,
во длабоко со бродот плови,
а не во води плитки.
Ако не го купевме
уште на излогот ќе беше,
во продавницата за играчки
и понатаму ќе стоеше.
Дарија Краличин
Павлеска