ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026
- Македонската репрезентација во квалификациите за пласман на СП 2026 утре (од 20.45 часот) игра со Белгија на гости, а потоа со Казахстан в понеделник во Скопје (од 20.45 часот). По мечевите во септември, Македонија води во групата Ј. На СП 2026 ќе се пласираат победниците на 12-те квалификациски групи и победниците на четирите плејофа
Знаеме против каква репрезентација играме. Веќе сме во последната фаза на квалификациите, а досега покажавме дека знаеме да играме фудбал и затоа се наоѓаме во ваква ситуација. Моментално сме први во групата, имаме гол-разлика 11-2. Но работата уште не е завршена. Знаеме дека не само овој туку и последните два натпревара, со Казахстан и со Велс, се едни од најбитните во поновата репрезентативна историја, вели македонскиот репрезентативец Бојан Миовски, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Македонската репрезентација се подготвува за претстојните натпревари во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) в година, и тоа утре (од 20.45 часот) со Белгија на гости во Гент и потоа со Казахстан в понеделник во Скопје (од 20.45 часот).
– Првиот натпревар е против Белгија, знаеме против каков противник играме. Имаме доста поддршка од навивачите, знаеме дека ќе бидат во голем број, така што мислам дека ќе гледаат одличен фудбал. Белгија е одлична репрезентација, каде што 90 отсто од фудбалерите играат во најсилните пет лиги. Но, ние играме како тим, го докажавме тоа – вели Миовски, пренесе ФФМ.
По мечевите во септември, Македонија води во групата Ј со 11 бода од пет средби, а потоа на табелата се Белгија со 10 (од четири меча), Велс со 10 (пет), Казахстан со три (пет) и Лихтенштајн без бодови (пет). На СП 2026 ќе се пласираат победниците на 12-те квалификациски групи, како и победниците на четирите плејофа, во кои ќе настапат 12-те второпласирани во групите од квалификациите и четири од победниците на групите во Лигата на нациите, меѓу кои е и Македонија, кои во квалификациите за Мундијалот нема да ги освојат првите две места во своите групи. Победници на групите во Лигата на нациите се и Шпанија, Германија, Португалија, Франција, Англија, Норвешка, Велс, Чешка, Романија, Шведска, Северна Ирска, Молдавија и Сан Марино.
Квалификациите во Европа за пласман на СП 2026 продолжуваат денеска, со средбите Финска – Литванија (од 18 часот), Австрија – Сан Марино, Белорусија – Данска, Кипар – БиХ, Чешка – Хрватска, Фарски Острови – Црна Гора, Малта – Холандија, Шкотска – Грција (сите од 20.45 ч.). Н.М.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026
ГРУПА Ј
Казахстан – Лихтенштајн утре, 16 ч.
Белгија – Македонија утре, 20.45 ч.
ТАБЕЛА
Македонија 5 3 2 0 11-2 11
Белгија 4 3 1 0 17-4 10
Велс 5 3 1 1 11-6 10
Казахстан 5 1 0 4 3-11 3
Лихтенштајн 5 0 0 5 0-19 0