Фото : Нова Македонија/илустрација

Јавната установа Национален парк „Пелистер“ – Битола при справување со пожари на отворен простор ќе користи и дрон, изјави за МИА, Иванчо Тошевски, директор на оваа национална установа.

Користењето дрон при справување со шумски пожар од пошироки размери овозможува брза и координирана акција, посочи Тошевски.

– ЈУ Национален парк „Пелистер“ за прв пат во својата историја употреби дрон кој овозможи да се надгледува шумски пожар на отворен простор и брзо да се дејствува. Оваа активност ја спроведовме во соработка со општинскиот Кризен штаб на симулациска вежба, а по извршената анализа констатиравме дека со активирање на единствен команден систем овозможен преку дрон, брзо се гасни пожар и се спасуваат лица доколку тоа е потребно – изјави Тошевски.

Ставањето во функција на нови технологии за брзи интервенции е дел од стратегијата на ЈУ Национален парк „Пелистер“ за што поддршка има и од Центарот за управување со кризи.