Европската Унија запаѓа во сѐ подлабока нефункционалност: Судир помеѓу Европската комисија (ЕК), Европарламентот (ЕП) и Европскиот совет (ЕС)
Европската комисија предложи шест од своите комплетни пакети годинава за поништување на постојното законодавство во врска со водењето бизниси и уште четири што се на стендбај, а кои опфаќаат еколошки, автомобилски, здравствени и дигитални области, кои се очекува да бидат поништени до крајот на годината.
Меѓуинституционална борба – расчекор помеѓу европарламентот, комисијата, советот
Европскиот совет (ЕС) создаде посебен комитет за забрзување на комплетните досиеја за поништување на регулативата од споменатите области. Но дипломатите на ЕУ се фрустрирани што законодавниот дом, односно Европарламентот (ЕП), не создаде слична структура за реализирање на иницијативите на извршната власт. Европарламентот, пак, жестоко реагира на обвинувањата од страна на извршната власт на ЕУ, за бавно движење на законодавството.
– Нагласуваме дека нема само автоматски да ги одобруваме иницијативите на ЕК – рече еден европратеник.
Имено, реакциите на Европската комисија (ЕК) се бидејќи смета дека „постојат значителни опструкции што ги генерира европарламентот“, како законодавец. Реакциите се претворија во тешко институционално препукување при што европратениците се соочуваат со обвинувања од дипломати и бирократи за „тивко саботирање на напорите на иницијативите“.
Претседателката на Европската комисија предничи со критиките кон европарламентот
Дипломати се жалат дека Европскиот парламент (ЕП) не го третира таканареченото законско поедноставување со истиот политички императив како извршните власти – советот и комисијата, при што програмата за „ублажување на законите“ е клучна иницијатива што ја промовира претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Пред две недели Фон дер Лајен упати не баш суптилна критика кон европратениците кога предупреди дека плановите „треба итно да се одобрат од страна на козаконодавците“.
Натаму, неделава имаше голем број критики до европратениците упатени од вицепремиерката на Шведска, Еба Буш, која на состанокот за индустриска конкурентност во Брисел изјави дека „има растечка фрустрација од европарламентот“!
Меѓусебни обвинувања и „двојните закони на ЕУ“
Некои сметаат дека вистинската критика е насочена кон централнолевичарската група на социјалистите и демократите во Европскиот парламент, кои се спротивставуваат на брзото поедноставување на законодавството на ЕУ. Ауроре Лалук, француска пратеничка од централнолевичарската партија, која претседава со економскиот комитет на парламентот, ги отфрли критиките.
– Ние сме избрани од европскиот народ за да си ја работиме нашата работа, без разлика дали им се допаѓа на луѓето или не. Кој е тој што одзема време, кој блокира цело време, кој треба постојано да се консултира со своите земји членки? Тоа е Европскиот совет – нагласи европратеничката.
Бернд Ланге, социјалдемократ што претседава со трговскиот комитет на парламентот, го припиша неуспехот на парламентот за одобрување на пакетите на нивната „сложеност“ – што, како што смета тој, претставува „сериозен проблем“ за европратениците.
Двојните закони на ЕУ за одржливост на компаниите – едниот што налага одржливо однесување од фирмите (ЦСРД), а другиот што се справува со злоупотребите на човековите права и животната средина во нивните глобални синџири на снабдување (ЦСДДД) – се во центарот на незадоволството на реформистите.
Ерик Морис, аналитичар во Европскиот политички центар, предупреди дека „наметнувањето брзина за донесување на законите ризикува да го поткопа квалитетот на законите на ЕУ“. Тој, исто така, посочи дека „институционалниот патриотизам“ е зад меѓусебните обвинувања во Брисел, при што секое тело на ЕУ има „своја идеја за сопствена легитимност“. Р.С.
Лидерството на Фон дер Лајен под знак прашалник поради недоволна транспарентност, како и поради давање збунувачки, контрадикторни или погрешни информации
Прекин на синџирот на комуникација во Брисел!
- Високи службеници во европската влада (комисија) го откриваат стилот на Фон дер Лајен за „лидерство“, но и за угледниот европски медиум „Политико“ ги откриваат причините за прекинот на комуникација по вертикала и по хоризонтала во Брисел
Ако кариерите на политичарите живеат или умираат преку јасно комуницирање со масите, тогаш се чини дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, има проблем.
Оние што се потпираат на медиумскиот тим на Фон дер Лајен за информации, за да ја завршат својата работа – новинари, лобисти, па дури и дел од персоналот на комисијата – се жалат дека „откривањето на вистината никогаш не било потешко“. Од почетокот на вториот мандат на Фон дер Лајен во декември, таа и нејзиното опкружување се критикувани како недоволно отворени и за давање збунувачки, контрадикторни или погрешни информации, според 12-те службеници на комисијата, лобисти, експерти за политики на ЕУ и новинари со кои разговараше угледниот европски медиум „Политико“.
Критиката открива пошироки сомнежи, изразени од сојузници и противници на Фон дер Лајен, за нејзиниот централизиран стил на лидерство, за кој се смета дека ја прави институцијата помалку транспарентна. Ова доаѓа во време кога претседателката на Европската комисија се соочува со зголемен притисок од европските влади и пратеници – со две гласања за недоверба закажани за следната недела – додека централната позиција на политиката на ЕУ се распаѓа.
Кредибилитетот на Фон дер Лајен како лидер и позицијата на ЕУ на глобалната сцена постојано се тестираат, а економската и политичката тежина на блокот се намалува. Во овој момент на комисијата ѝ е потребна силна комуникациска рака, а многу од соговорниците на „Политико“ велат дека сегашното ниво на комуникација не е задоволително.
– Оваа слабост доведува до тоа комисијата да биде оспорена во врска со транспарентноста затоа што новинарите не можат да си ја работат работата – вели функционер на Европската комисија што анонимно зборуваше со „Политико“.
Големо незадоволство е насочено кон службата на портпаролот на комисијата што ги води официјалните медиумски комуникации на институцијата. Таа има персонал од околу 80 луѓе, вклучувајќи 12 портпароли, кои имаат овластување да зборуваат јавно и да бидат именувани. Претходно годинава, новинарите што ја покриваа политиката на ЕУ, широко ја критикуваа оваа служба за прикривање информации за болест на Фон дер Лајен, како и за издавање збунувачки информации.
Дел од службениците во Брисел сметаат дека главниот проблем е што Фон дер Лајен и малиот тим околу неа имаат цврста контрола врз тоа како функционира службата, создавајќи тесни грла и ограничувајќи ги портпаролите во нивното споделување информации.
Сегашната структура на службата ги има своите корени во периодот кога Жан-Клод Јункер беше претседател на комисијата од 2014 до 2019 година. Под негово водство, портпаролската служба беше ставена под построга контрола, а на еврокомесарите им беше кажано да не отстапуваат од линијата на која е оваа институција. Во кабинетот на секој комесар беше назначен советник за политички комуникации. Р.С.