Насилниците да не останат скриени зад „ѕидови на тишина и страв“

  • За природата на меѓучовечките односи, токсичноста и непредвидливоста на врските сведочат историјата и уметноста, а психата на човекот ниту Достоевски, ниту Фројд, ниту Јунг, ниту други влијателни мислители не успеваат целосно да ја расветлат, ама со сигурност знаеме дека врз неа може да се влијае со едукација, барем до извесен степен. Законите и институциите секако дека треба да се грижат за да не дојде до семејно насилство, но мислам дека воспитувањето е клучно во превенцијата

Македонија беше потресена од случајот со убиството на велешанката Росица, која свирепо беше усмртена од нејзиниот поранешен партнер, кој ги уби неа и нејзиниот татко пред и самиот да си пресуди. Свежи беа сеќавањата и од претходните слични случаи на убиства на (поранешни) партнери и во други градови во државата.
Загрижувачки е што таквите случаи не се ретка појава и заедно со другите случаи на семејно насилство станаа речиси секојдневие. Според статистичките податоци на Министерството за внатрешни работи, во првите шест месеци од оваа година се извршени вкупно 512 кривични дела поврзани со семејно насилство, од кои поголемиот дел се извршени од мажи – вкупно 474, а повеќето завршиле со телесни повреди.
Големиот број случаи поврзани со семејно насилство веројатно укажува на општествена појава со која итно треба да се позанимаваат експертите и институциите, но не ми е поентата зад алармантната појава да ја „скријам“ индивидуата што е директно виновна за конкретниот акт што го извршила во засебните случаи.
Не сакам да ја префрлам целата вина, ниту да ги бранам експертите и институциите, кои секако дека треба да ја вршат нивната работата, туку мислам дека треба да се осврнеме и да погледнеме во нешто пофундаментално, во човечката природа, за да се интервенира во нејзиниот развој, т.е. да се сосечат таквите појави, барем до она мера колку што може да нарави едукацијата на луѓето додека растат и се формираат нивните карактери.
Се сеќавам дека францускиот филозоф Жан пол Сартр вели оти кај машко-женските односи најмногу се отсликува или доаѓа до израз природата на меѓучовечките односи воопшто. Парафразирам оти не го памтам цитатот точно.
Како што јас го разбирам Сартр, тој вели – каков е некој маж во однесувањето спрема жените, во суштина таков е и со другите. И само прашање на време е кога однесувањето што го манифестира пред жените, ќе го покаже и пред другите, односно ќе се прикаже во вистинско светло.

И при екстремни случаи кога одредени луѓе индиректно го поддржуваат насилството врз жените, припишувајќи им ја вината ним поради наводна „затресканост“ на мажот, тие всушност се исти со насилниците. Тоа значи дека ако маж е насилен кон жена, тогаш тој е насилен и воопшто и со другите, само што можеби не го покажува тоа поради сплет на околности. Сартр смета дека за разлика од односот на другарство или пријателство, кој е во извесна мера индиферентен и рамнодушен, природата на машко–женските односи го разоткрива карактерот на човекот поради сериозноста на односот и поврзаноста на повисоко ниво – емоционално, телесно… Тука секако дека не зборуваме за случаи кога се прикрива вистинската природа, најчесто заради заведување, туку откако меѓусебниот однос ќе се развие.
Насилството, пред да се пројави или пред да излезе надвор, крши нешто внатре во човекот, значи пред да „скрши“ нешто надвор, крши нешто однатре. Насилните луѓе фактички имаат направено пустош во себеси и тоа само го манифестираат надвор. Насилството од човечка гледна точка можеби е најголемиот човечки грев затоа што е спротивно на природата на душата, а според моите филозофски сфаќања, сметам дека за грев треба да се сметаат, пред сѐ, делата/чиновите спротивни на природата на душата; нашето сфаќање на душата е дека таа е ненасилна сама по себе.
Друг аспект на кој мислам дека треба да обрне внимание се сфаќањата, заблудите и обрасците што се наследени од минатото, а сѐ уште можеби (инцидентно) опстојуваат. Тука, пред сѐ, мислам на појава што е забележана во јавноста – дека жената не треба да се третира како посед, како да е нечија, туку дека станува збор за независно човечко битие. Токму затоа треба да се учат и да се едуцираат младите. И дека мораме да ги заштитиме жртвите, особено послабите од нас.
За природата на меѓучовечките односи, токсичноста и непредвидливоста на врските сведочат историјата и уметноста, а психата на човекот ниту Достоевски, ниту Фројд, ниту Јунг, ниту други влијателни мислители не успеваат целосно да ја расветлат, ама со сигурност знаеме дека врз неа може да се влијае со едукација, барем до извесен степен.

Законите и институциите секако дека треба да се грижат за да не дојде до семејно насилство, но мислам дека воспитувањето е клучно во превенцијата. А додека се оствари промена, да се надеваме дека некои брзи нови мерки како што се измените во Кривичниот законик ќе го превенираат најлошото. Со најновите предложени измени во Кривичниот законик што ги подготвува Министерството за правда, насилникот сега ќе може да биде гонет по службена должност, дури и ако жртвата не поднесе жалба. Семејното насилство повеќе нема да остане зад затворени врати, скриено зад ѕидови на тишина и страв. Доволно би било сведок, сосед, член на семејството, пријател или минувач да пријави семејно насилство, а институциите ќе бидат принудени да реагираат. Досега, често се случуваше жртвата, соочена со траума, заплашување или економска зависност, да се повлече од постапката, оставајќи го насилникот неказнет. Тоа да стане минато, за конечно да го сузбиеме семејното насилство со сите расположливи средства.

Сотир Ристо