Фото: ЕПА

ТЕНИС

  • Примените во Куќата на славните ќе бидат објавени во ноември

Роже Федерер ја предводи листата со номинирани за класата за 2026 година на Меѓународната тениска куќа на славните, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Тој беше првиот што освои 20 гранслем-титули во поединечна конкуренција и воведе ера на невидена величина со помладите ривали Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ. Федерер освои 103 трофеи и победи на 1.251 натпревар во поединечна конкуренција, вкупно надминат меѓу тенисерите само од Џими Конорс во т.н. отворена ера, која почна во 1968 година. Федерер пет сезони беше на првото место на ранг-листата на АТП, помина рекордни 237 недели по ред на тоа место, ја предводеше Швајцарија до титулата во Дејвис-купот во 2014 година и со Стен Вавринка освои златен медал во двојки на Летните олимписки игри во Пекинг во 2008 година, пишува АП.
На врвот на својата моќ, Федерер стигна до рекордни 10 последователни финалиња на гранслем-турнири од 2005 до 2007 година, освојувајќи осум титули во тој период, а ја продолжи таа доминација со тоа што стигна до 18 од 19 големи финалиња до 2010 година. Исто така, имаше низи од 36 четврт-финалиња и 23 полуфиналиња по ред. Неговото пензионирање се случи во 2022 година, а тој се збогува со настап заедно со Надал во двојки на Лејвер-купот, настан што го основа неговата менаџерска компанија, пишува АП.

На Федерер во категоријата кандидати за влез во Куќата на славните му се придружуваат двократната гранслем-шампионка Светлана Кузнецова и победникот на Отвореното првенство на САД во 2009 година, Хуан Мартин дел Потро. Низата на Федерер од пет последователни победи на САД опен (никој не победил двапати по ред таму оттогаш) заврши во финалето во 2009 година со пораз од Дел Потро во пет сета. Дел Потро освои 22 титули со најдобар пласман на АТП-листата на третото место, а стигна до уште едно финале на гранслем, второпласиран зад Ѓоковиќ на САД опен во 2018 година. Дел Потро освои сребрен медал на ЛОИ 2016 во Рио и ѝ помогна на Аргентина да го освои Дејвис-купот таа година. Неговото последно учество на гранслем-турнир беше пласман во четвртото коло на Ролан Гарос во 2019 година.
Кузнецова освои гранслем-трофеи на САД опен во 2004 година и на Ролан гарос пет години подоцна, во двојки на Австралија опен во 2005 и во 2012 година, стигна до второто место на ранг-листата на ВТА во поединечна и до третото место во двојки, и освои три титули со Русија во купот „Били Џин Кинг“, пишува АП. Кузнецова освои 18 турнири во поединечна конкуренција и 16 во двојки.
Примените во Куќата на славните ќе бидат објавени во ноември. Н.М.