Изградбата на брзата пруга во Македонија ќе биде најзначаен инфраструктурен проект за цела Југоисточна Европа, ќе донесе огромен економски бенефит и регионот и значително ќе го намали времето на патување од Скопје до Солун и до Атина, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
– Ние по долг временски период разговараме со Грција за поврзување, за економија, за бизнис, за она што го прави животот. Брзата пруга колку што е бенефит за Македонија, многу повеќе е од бенефит за Грција, особено што целосно ќе ги отвори пред се солунското и атинското пристаниште кон Централна Европа. Изградба на брза пруга на која што карго возовите ќе возат со 120км/ч, во само првата година откако ќе се изгради од сегашни 12 милиони евра колку што имаат приход двете железнички македонски претпријатија, ќе оди на 120 милиони. Истото ќе важи и за грчките пристаништа, што целосно ќе ја промени економијата во целиот овој регион – рече Николоски.
Вицепремиерот информираше дека грчките власите се согласни, следната година да почнат да градат двоколосечна пруга по примерот на Македонија од Солун до Гевгелија, а директорите на железничките претпријатија на двете земји веќе ги усогласуваат техничките детали.
– Тоа ќе значи дека од Скопје до Солун ќе се патува за 1 час и 20 минути, а до Атина за не повеќе од 4 часа и мислам дека тоа целосно ќе го смени начинот на живот на овој дел од Европа. Така што брзата пруга ќе стане најзначаен економски-инфраструктурен проект за цела Југоисточна Европа – напомена вицепремиерот и министер Александар Николоски.