ОТВОРЕНАТА ПАНДОРИНА КУТИЈА ВО ГРЧКИОТ ЗЕМЈОДЕЛСКИ СЕКТОР ЈА ОТКРИВА ИНСТИТУЦИОНАЛНАТА ЗАРАЗЕНОСТ НА ЦЕЛАТА ДРЖАВА
- Случајот што доведе до оставка на четири министри и распуштање на агенцијата одговорна за доделување на земјоделските субвенции од ЕУ произлезе од Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (ЕППО), каде што беше откриено дека одредени баратели на субвенции поднеле лажни тврдења за поседување земјиште. Други пријавиле фарми или пасишта на места далеку од местото во кое живееле или користеле лажни адреси и фалсификувани договори за закуп
Во екот на скандалот околу измамата со земјоделските субвенции од Европската Унија што ја измачува Грција, обичните земјоделци во земјата се плашат дека тие ќе го платат цехот од гревовите на актуелниот политички систем, пренесува бриселскиот интернет-портал „Еурактив“.
Случајот што доведе до оставка на четири министри и распуштање на агенцијата одговорна за доделување на земјоделските субвенции од ЕУ произлезе од Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (ЕППО), каде што беше откриено дека одредени баратели на субвенции поднеле лажни тврдења за поседување земјиште. Други пријавиле фарми или пасишта на места далеку од местото во кое живееле или користеле лажни адреси и фалсификувани договори за закуп.
Но коренот на скандалот лежи во неисправните информациски системи што се користат за управување со земјоделските субвенции, без сеопфатен земјишен регистар низ поголемиот дел од земјата. Воспоставувањето таков регистар претставуваше барање на ЕУ уште од првиот спасувачки пакет на Грција во 2009 година, а подоцна беше засилено како услов за пристап до постпандемискиот фонд за закрепнување на ЕУ.
Покрај истрагата на ЕППО, Европската комисија издаде посебна одлука во јуни, известувајќи ја Атина за нејзиното исклучување од 392,2 милиони евра финансирање од Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) поради лошо управување со земјоделските субвенции и несоодветен надзор.
И двата случаја ја отворија Пандорината кутија во земјоделскиот сектор во Грција, предизвикувајќи инспекции низ целата земја. Сепак, Власис Циогас, раководител на земјоделската задруга „Пасиу Климентиу“, вели дека низата на инспекции всушност е тактика за прикажување на кризата како широко распространета и заштита на оние што се одговорни за најлошите прекршоци.
– Кога сите се виновни, никој не е. Неколкумина можеби заработиле милиони преку лажни договори за закуп, додека други се соочиле со мали проблеми со документацијата – но сите се етикетирани исто – рече Циогас.
Службеник на грчката влада изјави за „Еурактив“ дека Атина е во контакт со Брисел за да се најде брзо решение.
– Чесните луѓе ја плаќаат цената со тоа што се соочуваат со доцнења во плаќањата од ЗПП. Но треба да го поправиме системот и да осигуриме дека нема да се изгубат средства од ЕУ – рече претставник на грчката влада, под услов да остане анонимен. Р.С.