Фото: „Нова Македонија“

Воздухот во Трубарево е чист, во текот на денот се чекаат резултатите од испитувањето на почвата што ги прави универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, информира денеска вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

По посетата на Државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“, прашан за состојбата во Трубарево по пожарот во фабриката за рециклирање електричен и електронски отпад посочи дека со стабилизирање на состојбата со огнот се стабилизирала и состојбата со воздухот.

– Ние ги прикажавме резултатите и од дење и од ноќе, кога беа покачени. Веднаш откако се стабилизира состојбата со огнот се стабилизираше и состојбата со воздухот. Таму е чисто, нема никаков проблем. Сега работиме на испитување на почвата. Во текот на денот ги чекаме испитувањата од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и јавноста ќе биде известена – рече Меџити.

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска соопшти дека согласно индикативните мерења на суспендирани цврсти честички (ПM 10) на мерното место во Трубарево, спроведени во периодот од 21.09.2025 во 8:30 часот до 22.09.2025 во 8:30 часот, просечната концентрација изнесува 14.2 микрограми на метар кубен. Највисоката измерена вредност била 44.1 микрограми на метар кубен, додека моменталното ниво било 11.9 микрограми на метар кубен.

Резултатите, како што беше наведнео во соопштението, покажуваат дека концентрациите на ПМ 10 се во рамки на дозволените и не ја надминуваат 24-часовната гранична вредност пропишана за заштита на човековото здравје, согласно Уредбата за квалитет на амбиентниот воздух.

Пожарот во фабриката „Нула отпад“ за рециклирање електричен и електронски отпад во скопско Трубарево се случи на 13 септември.