Фото: „Нова Македонија“

„Како чука саатот да го слушнам, да го слушнам, а да воздивнам, во чаршија стара да прошетам, во меана да се напијам. Прилепе граде, најмил си, ти ги чуваш мојте спомени“. Ова е дел од стиховите на неофицијалната химна за Прилеп, испеана точно пред 30 години, од пејачот Гога Зафироски, кој кога би бил жив денес би имал 100 години. Во песната се спомнува познатиот прилепски саат, односно Саат-кулата изградена точно пред 200 години

Двесте години прилепска Саат-кула: еден човек, една песна, еден саат и еден град (3)

И како што филозофите стопати потврдиле, ништо на овој свет не е случајно. Не случајно Прилеп ја има прекрасната Саат-кула, гордост на прилепчани, а восхит на сите добронамерници, но воопшто не е случајно зошто токму песната посветена на Прилеп е отпеана од Гога Зафироски, напишана од Сашо Зафироски, компонирана од Душко Темелкоски. Сите овие тројца значајни граѓани за Прилеп најголем дел од својот живот поминаа во Прилеп, трудејќи се секојдневно да сторат нешто подобро за својот сакан град.

Сашо Зафироски: Мојата генерација растеше со гласот на татко ми

Синот на Гога, Сашо Зафироски, си спомнува за љубовта на луѓето кон неговиот татко и вербата во сето она што тој ќе го каже и пред микрофонот, но и во живо.
– Мојата генерација растеше со гласот на Гога Зафироски. Во Прилеп се садеше тутун, а татко ми преку Радио Прилеп беше гостин во секоја куќа. Интересно е што, иако тој не беше професионален пејач, има снимено четири плочи во „Југотон“ во Загреб и е единствен аматер пејач од Македонија што снимил плочи во тоа време во високопрофесионално студио. Тој пред сѐ беше спикер, директор на Радио Прилеп, директор на Кино Прилеп, директор на библиотеката, спортски коментатор, водител, но и матичар. Познато е дека кога прилепчани ќе навлезеле во некаква расправија, сѐ се решавало кога едниот ќе речел „така кажа Зафиро“, а тоа означувало дека штом така Зафироски пренел преку радио, тоа мора да е точно – се присетува синот на Гога.

Одбиени голем број работни ангажмани поради љубовта кон Прилеп

Љубовта кон родниот град кај Гога Зафироски одела до таа мера што тој одбил неколку покани за турнеи со славните музички имиња во Америка и Австралија, ја одбил понудата да биде спикер во Радио Скопје на лична покана од доајенот на македонското спикерство Иван Антонов, бидејќи тоа би значело преселба во Скопје, па ја одбил дури и понудата од сопственикот на ексклузивниот хотел „Шератон“ во Ерусалим за траен ангажман како интерпретатор на македонска народна музика.
– Во дворот на „Шератон“, пред над шестотини гости, пееле познати југословенски музички имиња во придружба на оркестарот на славниот музичар Јаника Балаж. Некој од публиката, меѓу кои имало голем број Евреи што од Македонија се преселиле во Израел, ја побарал песната „Не задевај се, мори Вендо“. Меѓутоа никој не знаел да ја испее таа песна. Јаника побарал некој од публиката, а роднините на Гога што живееле во Израел го предложиле токму него. Иако скромен, тој сепак застанал на подиумот и ја испеал песната. Потоа уште неколку македонски песни. Сопственикот на хотелот, воодушевен од неговиот кадифен глас, веднаш по завршувањето на веселбата му дал на Зафироски договор и бланко-чек за едногодишен ангажман. Меѓутоа, Зафироски веднаш го одбил, кажувајќи дека си оди во Македонија, во неговиот Прилеп, кај своите три деца, а сопственикот бил вчудовиден како може некој да одбие понуда за која многумина копнеат да им се случи. Но тоа беше татко ми Гога Зафироски – раскажува неговата ќерка Лилјана Стојановиќ.

Името на Гога Зафироски втиснато во идентитетот на градот

Според новинарот Тачко Локвенец, Гога Зафироски е човекот чија животна вистина била љубовта, животно дело – песната, а животно кредо – принципот. Според Локвенец, кај Зафиро, како што го именуваат прилепчани, имало договор наместо печат, а збор наместо потпис.
– А како да го оставам градскиот саат, ќе речеше. Не можеше да замисли да живее надвор од Прилеп. Врзан беше за градот, кој многу го сакаше. Велеше: „Чедо, поголема е можноста градскиот саат да го смени местото, отколку јас да го напуштам Прилеп“. Толкава беше неговата љубов за Прилеп и за прилепскиот народ – раскажува неговата ќерка Павлина Чочкова.
Името на Гога Зафироски не е втиснато крај другите имиња на Арт-плоштадот пред НУЦК „Марко Цепенков“, но преку неговата песна е втиснато во поранешните, сегашните, а и идните генерации граѓани на Прилеп и останува како име што претставува идентитет на градот. Преку „Песната за Прилеп“ продолжува да живее Гога Зафироски, да живее духот на градот и на чаршијата, со надеж дека Саат-кулата ќе опстојува уште долго, ќе им пркоси на ветриштата, ќе го допира небото и ќе го мери времето.

Филип Димкоски

крај