Автор: Д-р Велимир Димитриоски, ортопед-хирург
Анемијата предизвикана заради недостаток на витамин Б12 е состојба во која вашето тело нема доволно здрави црвени крвни зрнца, заради недостаток на витамин Б12.
Витаминот Б12 е потребен за производство на црвени крвни зрнца. Тие, црвените крвни зрнца, носат кислород до сите делови од вашето тело. Без доволно црвени крвни зрнца, ткивата и органите не добиваат доволно количество на кислород. Без доволно кислород, нашето тело не може да функционира правилно.
Фолната киселина, исто така наречена фолат, е уште еден од палетата на витамините од групата Б. Анемијата предизвикана од недостаток на витамин Б12 е вид на мегалобластна анемија. И анемијата предизвикана од недостаток на Фолната киселина е вид на мегалобластна анемија. Кај мегалобластните видови анемија, црвените крвни зрнца не се развиваат правилно. Тие достигнуваат големи димензии и имаат овална форма, а не тркалезна форма и регуларни димензии како здравите црвени крвни зрнца. Тоа причинува коскената срцевина да произведува помалку црвени крвни зрнца. Во некои случаи црвените крвни зрнца умираат порано од нормалното.
Причинители на анемија со недостаток на витамин Б12
Анемијата со недостаток на витамин Б12 е почеста кај луѓето чии семејства доаѓаат од северот на Европа. Предизвикана е од еден од следниве фактори:
Недостаток на интринзичен фактор. Внатрешниот фактор е протеин што се создава во желудникот. Потребен е за апсорпција на витамин Б12. Овој тип на анемија со недостаток на Б12 се нарекува пернициозна анемија.
При хируршки интервенции кога се отстранува или заобиколува (бајпасира) крајот на тенкото црево. Овој дел од тенкото црево е местото каде што се апсорбира витаминот Б12.
Неможноста за создавање на овој важен внатрешен фактор може да биде предизвикана од неколку работи, како што се: хроничен гастритис, операција за отстранување на целиот или дел од желудникот (гастректомија), автоимуна состојба, каде што телото ги напаѓа сопствените ткива.
Постојат и други видови мегалобластна анемија и тие може да бидат поврзани со дијабетес тип 1, заболување на тироидната жлезда и семејна историја на болеста.
Кои се симптомите на анемија со недостаток на витамин Б12?
Може да бидат: Слаби мускули, чувство на вкочанетост или пецкање во рацете и нозете, тешкотии при одење, гадење, намален апетит, губење на тежина, раздразливост, недостаток на енергија или лесно заморување (замор), дијареја, мазен и нежен јазик, забрзан пулс.
Симптомите на мегалобластна анемија може да изгледаат како други крвни состојби или здравствени проблеми. Секогаш консултирајте се со вашиот лекар за дијагноза.
Кај кого постои зголемен ризик од анемија со недостаток на витамин Б12?
Семејна историја на болеста, отстранување на дел или целиот желудник или црево, автоимуни заболувања вклучувајќи дијабетес тип 1, Кронова болест, ХИВ, одредени лекови, строга вегетаријанска исхрана, поодмината возраст.
Како се доаѓа до дијагнозата анемија со недостаток на витамин Б12?
Овој тип на анемија обично се открива за време на медицински преглед преку рутински тест на крвта. Матичниот лекар ќе ве распраша за вашата медицинската историја, актуелни симптоми и ќе ви направи физички преглед.
Лекарот може да ви направи дополнителни крвни тестови. Може да ви бидат потребни и други процедури за евалуација, како што е биопсија на коскена срцевина.
Третман на анемијата со недостаток на витамин Б12
Вашиот лекар ќе го одреди најдобриот третман за вас врз основа на:
Колку години имате, вашето целокупно здравје и медицинска историја, колку сте болни (актуелна состојба), како се справувате со одредени лекови, третмани или терапии, дали се очекува вашата состојба да се влоши, вашите ставови. Анемијата со недостаток на витамин Б12 и анемијата со недостаток на фолна киселина често се јавуваат заедно и може да биде тешко да се разликуваат. Третманот може да вклучува инјекции со витамин Б12 и таблети со фолна киселина.
Храна богата со фолна киселина вклучува:
Сок од портокал, портокали, романа салата (Romaine lettuce), спанаќ, црн дроб, ориз, јачмен, никулци, пченични никулци, соја зрна, зелен лиснат зеленчук, грав, кикирики, брокула, шпаргла, грашок, леќа.
Храната богата со фолна киселина и витамин Б12 вклучува:
Јајца, месо, живино месо, млеко, школки, збогатени житарки.
Земањето фолна киселина преку уста е поефикасно од јадењето храна богата со фолна киселина. Витаминот Б12 не се апсорбира толку добро преку уста како со инјекција.
Живеење со анемија од недостаток на витамин Б12
Во зависност од причината за недостаток на витамин Б12, можеби ќе треба да земате додатоци на витамин Б12 до крајот на животот. Ова може да бидат таблети или инјекции. На изглед тешко ама ќе ви овозможи да живеете релативно нормален живот без симптоми. Ако вашиот недостаток се должи на некаква диета, препораката е да соработувате со нутриционист. Нутриционистот/ката може да ви помогне да добиете доволно витамин Б12 и други витамини.
Кажете му на вашиот лекар за какви било симптоми и следете го вашиот план за лекување.