Фото: ЕПА

На одличен пат сме кон она што се бара од играчите, а тоа е да дадат максимум. Имаме огромен простор за напредок, треба да нѐ красат енергијата и младоста, рече селекторот на македонската репрезентација, Марјан Илиевски. Македонија викендов ја победи Швајцарија во тест-средби со 62-56 и со 65-52, а в сабота во Куманово ги почнува претквалификациите, со дуелот со Романија

КОШАРКА

Македонската кошаркарска репрезентација забележа две победи на дуелите со Швајцарија, на подготовките за настап во претквалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2027 година. Црвено-жолтите славеа со 62-56 и со 65-52 во натпревари одиграни во Негорски Бањи, во петокот и во саботата.
– Резултатот е позитивен, но неблагодарно е сега да кажеме дека сме на одличен пат во однос на она што следува. Но затоа на одличен пат сме кон она што се бара од играчите, а тоа е да дадат максимум. Сите што влегоа во игра дадоа максимум, се гледа и неискуството на одредени играчи, што се рефлектираше со голем број загубени топки. Но како прв меч и краток период за заеднички подготовки, може да кажам дека сум задоволен од целиот период на соработка со играчите. Игравме против репрезентација што три години е заедно со истиот тренер. Имаме огромен простор за напредок, треба да нѐ красат енергијата и младоста – рече селекторот на македонската репрезентација, Марјан Илиевски, по првиот меч со Швајцарија, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Македонската репрезентација денеска продолжува со тренинзите, во СРЦ „Кале“, во Скопје, а задутре црвено-жолтите заминуваат за Куманово, каде што в сабота ќе го играат првиот натпревар во претквалификациите за настап на кошаркарскиот Мундијал, со селекцијата на Романија. Во групата е и репрезентацијата на Унгарија. Првопласираните две од групата ќе се пласираат во квалификациите за СП 2027. Н.М.