Италијанската репрезентација освои по 19 златни и сребрени и 12 бронзени медали на „ЕМОФ Скопје 2025“, кој е рекорден според бројот на спортови, спортски настани за медали, учество на спортски делегации, бројот на спортисти што настапија, вкупниот број земји што освоија медали…
Со свечена церемонија на затворање во саботата во СЦ „Јане Сандански“ беше заокружен 18-от летен „Европски младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025“, кој минатата недела се одржуваше на спортските терени во Скопје, Куманово и во хрватскиот град Осиек. Италија вторпат во низа е најуспешна репрезентација на еден ЕМОФ. Македонија ја претставуваа вкупно 181 спортист, што е најголема македонска спортска делегација досега на европските младински олимписки фестивали, кои се одржуваат од 1991 година.
„Европскиот младински олимписки фестивал Скопје 2025“, на кој од 20 до 26 јули настапија спортисти од 14 до 18 години, беше рекорден во неколку категории, како на пример, според бројот на застапени спортови (15), спортски настани за медали (152), учество на спортски делегации (50), бројот на спортисти што учествуваа (над 4.000), вкупниот број земји што освоија медали, (40), земји со барем еден златен медал (35)… „ЕМОФ 2025“ привлече и голема публика преку платформите за стриминг. Спортистите се натпреваруваа во уметничка гимнастика, атлетика, кошарка, баскет 3х3, бадминтон, друмски велосипедизам, планински велосипедизам, кану-слалом, џудо, ракомет, стрелаштво, пинг-понг, пливање, таеквондо и во одбојка. Спортови што дебитираа на „ЕМОФ Скопје 2025“ беа стрелаштво и таеквондо.
Италија од годинашниот „Европски младински олимписки фестивал“, најголемиот мултиспортски настан досега одржан во Македонија, заминува со најмногу златни и со најмногу вкупно освоени медали, откако освои по 19 златни и сребрени и 12 бронзени медали, вкупно 50. Италијанските спортисти имаа по осум први места во атлетика и пливање, две во гимнастика и едно во друмски велосипедизам. Италија беше најуспешна и на „Европскиот младински олимписки фестивал“ во 2023 година, одржан во Марибор (Словенија), кога се закити со 16 златни, 18 сребрени и со 12 бронзени медали.
На табелата според освоени медали на „ЕМОФ Скопје 2025“ по Италија следуваат репрезентациите на Франција (15 златни, 18 сребрени и пет бронзени), Шпанија (10-11-12), Турција (10-7-9), Велика Британија (10-7-5), Полска (10-6-11), Унгарија (10-5-11), итн.
На 18-от „Европски младински олимписки фестивал Скопје 2025“ беше поставен и еден младински светски рекорд, во атлетика, во дисциплината скок со стап, во категоријата до 18 години, откако 17-годишната Алика Инкери Мозер од Естонија прескокна 452 сантиметри, еден сантиметар повеќе од дотогашниот планетарен рекорд, поставен од Аманда Мол (САД), во 2022 година.
Европскиот младински олимписки фестивал е најголемиот спортски настан организиран за млади, првпат одржан во 1991 година, во Брисел (Белгија), тогаш како летен спортски натпревар, а првиот зимски ЕМОФ е одржан во 1993 година, во Аоста (Италија).
Многу од европските спортски ѕвезди ги правеле првите чекори на меѓународната сцена на ЕМОФ, натпреварување на кое во минатото освојувале медали некои подоцнежни врвни светски спортисти во летни и во зимски спортови, кои освојувале медали и на олимписки игри, светски и европски првенства…
Следниот летен ЕМОФ на програмата е во 2027 година, во Лињано Сабијадоро (Италија), каде што се одржа „Европскиот младински олимписки фестивал“ во 2005 година. Н.М.
НАЈУСПЕШНИ НА „ЕМОФ 2025“
Италија 19 19 12
Франција 15 18 5
Шпанија 10 11 12
Турција 10 7 9
Велика Британија 10 7 5
Полска 10 6 11
Унгарија 10 5 11
колоните се златни, сребрени и бронзени медали