Гостинката си го кажа своето, народот си го кажа своето и сега останува само вредните логистичари што ѝ го подготвуваа говорот со „генијалните“ гастрономски прибелешки, доволно добро да го преведат како што треба тоа мислење на најголемиот број наши граѓани. А, да, патем, и да ѝ напоменат на Марта Кос дека со овој нејзин говор се искачи високо на скалата на нашите омилени гости, каде што до скоро приматот го држеше оној англиски стручњак, заборавам му името, кој ни мавташе со некој пластичен часовник пред очите, третирајќи нѐ како индијанско племе од почетокот на колонизацијата на американскиот континент. Сега батето доби сериозна конкуренција
До вчера бев убеден дека пензионерското катче, така да ја опишам неформалната група припадници на третата доба што одржува редовни сесии на место што нема да го издадам, значи оваа екипа на пензионери знае на моменти да се служи со најпоганиот речник што оваа средина го создала.
Но, ете, признавам, сум се излажал. Речникот на социјалните мрежи со кој возвратно и реактивно ја почестивме нашата гостинка од Словенија, која допатува официјално како претставничка на Европа, ги покажа сиот раскош и богатство на јазикот на кој зборуваме и пишуваме. Иако, мора и тоа да го признаам, заради чувствителната жица на социјалните мрежи, кои знаат да го казнат или дури и да исклучат корисникот што користи недоличен речник, нашите луѓе најдоа неверојатно голем број синоними или зборови што доволно јасно сугерираа што се сака да се каже „а да не се сетат властите“, а сепак да го кажат тоа што го мислат. Во секој случај, богат фонд на пригодни пораки, се разбира, коректно спакуван во дозволените граници.
Или, накусо кажано, епитетите со кои пензионерското катче ѝ одговори на високата гостинка беа изливи на емоција во кои не се внимаваше на содржината на искалениот бес и лутина, а реакцијата што следуваше потоа беше резултат на добро смислена реакција, прекрасно спакувана во цивилизациска обланда. Сепак, доволно јасна за сите што знаат да читаат меѓу редовите на напишаното, кои го одразуваат размислувањето на најголемиот број граѓани на Македонија.
За оние понеупатените, да кажам дека пред два дена во Скопје беше еврокомесарката за проширување Марта Кос, инаку Словенка, која досега имаше главно коректни изјави во врска со Македонија. Во тој правец може да се протолкува и почетокот на нејзиното обраќање на Самитот на ЕУ со лидерите на шест земји од Западен Балкан. Притоа таа потенцира дека „идентитетот никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување, идентитетот го носиме во нас, во нашите души, во нашите срца, идентитет е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина“. И толку. Ако успеа да придобие некого со овие зборови, веднаш потоа со следните реплики ги натера луѓето да заборават што рекла и да смислуваат начини како да ѝ одговорат.
А зборовите што го предизвикаа гневот на јавноста беа оние со кои нашиот идентитет го израмни со „погачата, тавчето гравче, пинџурот, полнетите пиперки…“.
Следуваше одмерен и културен одговор на домаќинот, премиерот Христијан Мицкоски, кој го кажа она што секој нормален политичар би го кажал во таков момент. „За мене, мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна, туку е и Гоце Делчев, и Шапкарев, и Миладиновци, и Илинденското востание, и Дамјан Груев, и Јане Сандански итн…“, рече Мицкоски.
И лавината тргна.
Во секој случај, гостинката си го кажа своето, народот си го кажа своето и сега останува само вредните логистичари што и го подготвуваа говорот со „генијалните“ гастрономски прибелешки, доволно добро да го преведат како што треба тоа мислење на најголемиот број наши граѓани.
А, да, патем, и да ѝ напоменат на Марта Кос дека со овој нејзин говор се искачи високо на скалата на нашите омилени гости, каде што до скоро приматот го држеше оној англиски стручњак, заборавам му името, кој ни мавташе со некој пластичен часовник пред очите, третирајќи нѐ како индијанско племе од почетокот на колонизацијата на американскиот континент. Сега батето доби сериозна конкуренција.
Просто е неверојатно колку неподготвени доаѓаат овде европските емисари, или пак е точна забелешката на пензионерското катче, дека тие намерно доаѓаат овде со такви извитоперени изјави за да предизвикаат нервозна, избрзана реакција од наша страна, што подоцна би била (зло)употребена наменски во некој клучен момент. Или, преведено на речникот на пензионерите од почетокот на текстов, „сѐ се прави за ништо убаво за нас да не се направи“.
Кој ќе ги знае. Останува само внимателно да следиме што и како ни готват во нивната европска кујна и да внимаваме што и како пробуваме од нивната софра. Да не ни преседне јадењето. Видовме на момент како изгледа кога ќе ја стават Македонија на листата на јадења, за да биде – изедена! Ќе им залетне, им кажуваме однапред!