Во седмицава што изминува, два политички настана и изјави на два европски политичара го реактуализираат болното прашање на македонскиот идентитетски комплекс со сите негови елементи, меѓународно оспорен и урнисан со „добрососедските договори“ со Грција и Бугарија. Тие два политички настана и изјави на два европски политичара го реактуализираат и второто прашање: натамошниот „ЕУ-пат“ на Република Македонија. Завчера на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на Европската Унија во Варшава, Полска, грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Петритис истакна дека Грција ќе продолжи да биде поддржувач на ЕУ-интеграцијата на Западен Балкан“. „Останува ставот дека за некои од принципите на Европската Унија не се преговара, а тоа се посветеноста на меѓународното право и посветеноста на владеењето на правото“, ќе посочи во таа пригода шефот на грчката дипломатија.
Второ, пред три дена на завршувањето на својата посета на Македонија на прес-конференцијата со претседателката Гордана Силјановска-Давкова, шефот на хрватската држава Зоран Милановиќ упати пријателски совет дека Македонија „не треба да трпи никакви изнудувања во замена за членство во ЕУ“. „Добивате многу совети, од вашите соседи, од меѓународната дипломатија, од ЕУ. Но не се сите тие совети паметни, ниту корисни за вас… Вие ќе одлучите што е важно за вас. Немојте да бидете жртва на некаква уцена, или изнудување кога станува збор за вашето членство во ЕУ!“, порача Милановиќ, целејќи на Договорот за добрососедство со Бугарија, односно на „бугарскиот договор“.
Аналитички ќе ги искоментирам изјавите на Герапетритис и на Милановиќ.
Петритис посочува дека „не се преговара за меѓународното право“, туку треба да постои „посветеност кон него и неговата примена“. Но интересни би биле одговорите на грчкиот министер на неколку прашања. Колку било „усогласено“ со меѓународното право „преговарањето“ и насилното наметнување на Преспанскиот договор и на франкенштајнското „име“ „Северна“?! Колку било постигнато со „посветеност и примена на меѓународното право“ одземањето на името Македонија на македонската држава, на името на македонскиот народ како македонски и на придавката „македонски“ како најосновна идентификациска одредница на тој ист народ?! Колку било „усогласено“ со меѓународното право насилното менување на Уставот на Македонија?!
Или е многу поточно дека Преспанскиот договор бил постигнат со брутално кршење на Резолуцијата за недопустливост на политиката на хегемонизам во меѓународните односи (Resolution on inadmissibility of the policy of hegemonism in international relations – UN General Assembly (34th sess.:14 December 1979), при што со тој „добрососедски договор“ се врши политички, културен, историски и идентитетски хегемонизам кон Македонија и македонскиот народ, кој се спроведува со таканаречениот „добрососедски договор“.
Преспанскиот договор бил постигнат со брутално кршење и на исто така многу важната Декларација на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации за недопустливост на интервенирањето и вмешувањето во внатрешните работи на државите (Declaration on the Inadmissibility of Intervention and Interference in the Internal Affairs of States) од 9 декември 1981 година (број A/RES/36/103). Според овој втор највисок меѓународен акт, „во согласност со Повелбата на Обединетите нации ниедна држава нема право да интервенира директно, или индиректно од која било причина во внатрешните или надворешните работи на која било друга држава“. „Принципот на немешање во внатрешните и надворешните работи на државите ги опфаќа следните права и должности: суверенитет, политичка независност, територијален интегритет…, како и националниот идентитет; секоја држава има суверено и неотуѓиво право слободно самата да го одредува својот политички, економски, културен и социјален систем… без надворешна интервенција, мешање, субверзија, принуда или закана во каква било форма…“, исто така се нагласува во оваа втора резолуција на ООН. Таа јасно покажува дека Преспанскиот договор е целосно спротивен на меѓународното право и ја побива изјавата на грчкиот министер дека тие се „многу посветени и го применуваат меѓународното право“. Кажувајќи ја споменатата изјава, во контекст на „големата грчка поддршка за евроинтеграцијата на Западен Балкан“, всушност, Герапетритис гледа со двете очи накај Македонија да не ѝ текне да се побуни против „примената на меѓународното во Преспанскиот договор“, зашто тоа нема да биде „европско однесување“, ем би можело да ѝ предизвика и „грчка сопка“ на „патот кон ЕУ“.
Меѓународното оспорување и урнисување на македонскиот идентитетски комплекс, предизвикано со Преспанскиот договор, е во целосна спротивност и со Виенската конвенција од 1969 година и врховниот принцип на меѓународното право јус когенс, вграден во таа конвенција. Во својот научен труд со наслов „Договорот од Преспа меѓу Република Македонија и Република Грција низ призмата на меѓународното право“, објавен на 27 мај 2019 година, д-р Ана Крстевска-Никодиновска, професорка по право на ЕУ и меѓународна политика во Правниот факултет на Универзитетот во Штип, нагласува: „Со Договорот од Преспа ѝ се наметна обврска на Република Македонија да го смени името во Република Северна Македонија, како ѝ да изврши серија на промени во внатрешнополитичкиот систем со кои се поткопуваат и се уништуваат државно-правниот и етничкиот идентитет на Републиката и на македонскиот народ. Договорот е склучен на противправен начин со повреда на суштински норми од внатрешниот поредок на македонската држава. Според меѓународното право, тој договор поседува и недозволен предмет на преговарање, кој е спротивен на основните јус когенс норми на меѓународната заедница, како што се: правото на самоопределување на народите, принципот на суверена еднаквост на државите и забраната за мешање во внатрешните работи на државите“. Укажувајќи дека „наметнувањето на името ‘Северна Македонија’, наместо утврденото име Република Македонија на македонската држава, претставува повреда на принципот на самоопределување на народите (чл.2 (1/ од Повелбата на ООН), како императивна норма односно норма од јус когенс карактер“, во својот научен труд професорката Крстевска-Никодиновска заклучува: „Виенската конвенција за договорно право (1969) во чл. 53 предвидува ништовност на договорите, што се во спротивност со овие императивни норми“.
Значи, Преспанскиот договор целосно е спротивен со комплетното меѓународно право и оттука тој е ништовен, подложен на моментно поништување, колку и да не би им се допаднало тоа на шефот на грчката дипломатија Герапетритис или на кој било грчки политичар. Сето претходно досега кажано за Преспанскиот договор се однесува идентично и во иста мера и за „бугарскиот договор“, и овој втор договор е, исто така, ништовен и спротивен на меѓународното право и неговата врховна норма јус когенс.
Спроведувањето на Преспанскиот и „бугарскиот договор“ е основниот предуслов за „чекорењето“ на Македонија на „патот кон ЕУ“. За тој нејзин „ЕУ-пат“ ќе проговори и еврокомесарката за проширување Марта Кос, истакнувајќи на 16 април 2025 година: „Не можат да се дадат гаранции за С. Македонија дека уставните измени ќе ги отстранат сите идни пречки на нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Се надевам дека билатералниот спор со Бугарија во врска со идентитетот, јазикот и историјата ќе бидат решени со добра волја и во дух на компромис“.
Не се „скарани“ со меѓународното право само Герапетритис и творците на Преспанскиот договор, туку овој пат и Марта Кос, штом и таа како да нема поим (или не сака да има) за јус когенс и за фактот дека не може да постои никаков „спор“ меѓу Македонија и Бугарија околу идентитетот, јазикот и историјата на македонскиот народ, ниту дека не е дозволиво „решавање на тој спор“ со некакви „добра волја и дух на компромис“. Еврокомесарката Кос „рекламира“ некаков „пат на С. Македонија кон членството во ЕУ“, но изгледа дека е надвор и од времето и од просторот, штом им нуди на Македонците и другите граѓани на Македонија „пат кон светлите европерспективи“, во замена за уставните промени.
Низ Европа, но и во други делови од светот, сѐ повеќе се гледа реалистично на конструкциите „европски пат“, или патот кон Европа“, колку има, или колку веќе нема конкретна содржина во нив. „Патот на Европа води кон никаде“, истакнува угледниот политиколог и историчар Тејмур Атаев од Азербејџан, земјата што се наоѓа на крстопатот меѓу и Источна Европа и Западна Азија. Во својата политичка анализа, објавена на 1 март 2025 година на информативниот портал „Азе.медиа“, Атаев дополнува: „Европската Унија не учи од сопствените грешки, ниту сака да учи. Нејзините лидери се заглавени во циклус на груби грешки. Сосема неискусни во поглед на сложеноста на глобалната политика се и новите членови на Европската комисија“.
Вакви груби грешки, или можеби и свесни измислици, да не кажеме и измамување на граѓаните на државите кандидатки вршат и Марта Кос и сите други челници на ЕУ. Наоѓајќи се на врвните раководни позиции во Европската Унија со својата неискусност и некомпетенција тие само придонесуваат да се зголемува се повеќе геополитичката безначајност на самата ЕУ.
„Да не шириме бајки, нема повеќе европски пат за ниедна земја!“, најотворено предупреди на 2 јуни лани Михаел Мартенс, веројатно еден од најдобрите европски и германски познавачи на процесот на евроинтеграциите и на состојбите во Балканот. Мартенс, кој е дописник на германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ за Источна Европа, бара германските политичари да не шират бајки за влезот во ЕУ на земјите од Балканот. „Не постои такво нешто како ‘европски’ пат за ниедна земја од регионот: Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија, Косово или Босна и Херцеговина. ЕУ нема намера наскоро да прими некоја земја од регионот во својот состав“, заклучи Михаел Мартенс.
Затоа сметам дека веќе е дојдено времето не само да започнат конкретни активности во врска со двата „добрососедски договора“ – Преспанскиот и „бугарскиот“, за прекинување со бајките, како што би рекол Мартенс, за „македонскиот пат кон ЕУ“. Можеби пат кон оваа неолиберална, лицемерна и саможивна Европа може да има уште за Албанија и Црна Гора, или само за една од двете држави и толку. Новата германска влада веќе кажа „не“ на натамошното проширување, ако не биде проследено првин со внатрешни реформи на ЕУ.
Македонија треба да почне со првите чекори кон новиот и вистински пат кон Европската Унија, во насока на реформи како Европска Унија на суверените нации. Но здрава поддршка е неопходно да најде преку Атлантикот. Од оваа стана, Виктор Орбан од Унгарија и Роберт Фицо од Словачка веќе почнуваат да го трасираат тој нов пат кон новата политичка Европа, а има шанси ним да им се придружи и нивниот колега од Романија, ако победи Георге Симион на романските претседателски избори и ако го одржи ветувањето дека ќе го именува Калин Георгеску како нов премиер на оваа европска држава членка на ЕУ.
Овде ќе приведам една изрека на д-р Авул Пакир Џаинулабдин Абдул Калам, индискиот физичар, експерт за аеронаутички инженеринг и државник, кој бил претседател на Индија од 2002 до 2007 година, која е соодветна за случајот на Македонија и нејзиниот пат кон вистинските развојни перспективи. „Судбината е мистериозна работа, понекогаш ги користи најтемните патеки, за да нè одведе до светлината“, има кажано Калам.
Творците на „идентитетскиот инженеринг“, кој се спроведува врз македонскиот народ преку Преспанскиот договор, со планирање ова да се „надгради“ и со „бугарскиот договор“, испланирале да го „закопаат“ овој народ во најдлабоките „северни темнини“. Само добро обмислена домашна и меѓународна активност за односот кон овие два „добрососедски договора“ и насочувањето на патот кон новата реструктурирана Европа, со логистика на нашите стратегиски партнери можат да ја доведат Македонија кон светлината на сонцето од Кутлеш.
Свето Тоевски