Царински службеници на Меѓународен Аеродром Скопје, спречија обид за криумчарење на златен накит во вредност од близу пола милион евра. Од страна на инспекторите во Секторот за контрола и истраги беа преземени предистражни дејствија и до Основното јавно обвинителство Скопје е поднесена кривична пријава за две лица со белгиско државјанство за сторено кривично дело криумчарење, казниво по член 278 од Кривичниот законик, информира директорот на Царинската управа Бобан Николовски.
Како што истакна на денешната прес-конференција во Владата заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, патниците кои пристигнале со лет на редовна линија Виена – Скопје откако ја поминале пасошката контрола и го подигнале багажот се упатиле кон царинската зона.
-Еден од осомничените е селектиран за детална царинска контрола при што е забележано дека двата куфери се наполнети со празни кутии наменети за накит, при што еден од куферите бил во сопственост на неговата сопруга. Царинските службеници пристапиле кон личен преглед и претрес и на рачниот багаж што го носела неговата сопруга со себе. Во ранецот е пронајдена поголема количина на непријавен златен накит од кои некои со парчиња дијаманти и друг драгоцени камења и тоа: 89 парчиња златни прстени со тежина од 599,2 грама во вредност од 203.169 евра, 17 парчиња златни нараквици со вкупна тежина од 215,3 грама и вредност од 55.748 евра, 23 парчиња златни ланчиња од 107 грама со вредност од 39.260 евра, 52 пара златни обетки со тежина од 238 грама во вредност од 97.258 евра, 10 парчиња златни нараквици со вкупна тежина од 68,3 грама во вредност од 19.300 евра и 18 парчиња златни ланчиња со тежина од 483,3 грама во вредност од 64.820 евра или вкупно 209 парчиња златен накит со вкупна тежина од еден килограм и 711 грама и вкупна вредност од близу пола милион евра- рече Николовски.
Нагласи дека осомничените со себе имале и три извозни декларации, од кои за две извозни декларации примач е лице од Скопје, додека за една примач е правно лице, како и еден од осомничените.
-Со оглед на фактот дека голем дел од накитот имал и прикачени цени, се сомневаме дека бил наменет за продажба во нашата држава – посочи Николовски.
Министерката Димитриеска Кочоска истакна дека оваа акција е дел од успешното работење на Царинската управа во справување со ваквиот вид на криминал и цврстата посветеност што се демонстира од страна на Царината во справување со шверцот на секаков вид стока.
-Потврда за тоа се и податоците кои се непобитен факт за работењето на Царината од минатата година со доаѓање на новата Влада. Имено, во изминатите пет месеци – ноември, декември, јануари, февруари и март е регистриран рекореден број на поднесени кривични пријави на месечно ниво од страна на Царинската управа во споредба со периодот од 2016 година наваму. Станува збор за двоцифрен број на кривични пријави кои по месеци се движат од 15 до 21 кривична пријава – рече Димитриеска Кочоска.
Посочи дека Царинската управа има ефикасна наплата на увозните давачи од почетокот на годината, кои се согласно планираното во Буџетот за 2025 година и бележат раст од околу 17 отсто во споредба со тој период од претходната година.
-И Буџетот во целина се реализира согласно планираното. Вкупните приходи бележат раст од околу 15 проценти во споредба со почетокот на годината, кај даночните приходи растот е околу 24 проценти, додека кај расходите е забележан раст од нецел еденпроцент, што е и согласно нашите заложби за фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг – потенцира Димитриеска Кочоска.