Фото: Балетско студио „Венус“ од Кавадарци

Успешно реализиран проект на танцовото студио „Венус“ од Кавадарци

Дури седум распродадени претстави за само четири дена, безброј воздишки, насмевки, солзи радосници и магија на која ќе се сеќаваат сите 280 учесници на прекрасното танцово шоу „Барби“ на балетското студио „Венус“ во Кавадарци. Овој огромен проект, кој поради големиот интерес имаше две постави, со по 140 учесници од шест до 18 години, им овозможи на сите членови на студиото да ги почувствуваат светлината и радоста на сцената танцувајќи на 14 песни од најновиот филм „Барби“. Танцовото шоу е работено според либрето на Ана Балова, а финансиски е поддржано од Општина Кавадарци. За прекрасните кореографии се погрижија Ана Балова и Билјана Грозданова, кои раководат со студиото.
– По седумте претстави на танцовото шоу „Барби“ можам да кажам дека сме бескрајно благодарни за секој аплауз и поддршката што ни ги даде публиката. На оваа танцова претстава работевме со цело срце и душа, а нашите ученици и главни ликови еднакво ја споделија страста кон овој проект. Александар Стојков со својата харизма го оживеа Кен, влевајќи енергија и шарм во секој момент на сцената, неговата верна екипа Ристе Стојанов, Јован Дамјанов и Филип Карадаков постојано долеваа позитивна енергија на целата магија и заедно создадоа незаборавна динамика на целата танцова претстава. Потоа нашите две барбики, Стефанија Честојнова и Верица Коцева, зрачеа со самодоверба, грациозност и енергија и на еден посебен начин ја оживеаја најпопуларната кукла на нашата планета, која е создадена во далечната 1959 година. Нашите малечки девојки, Клара Кузева, Стефани Чулева, Сара Серенакова и Илина Ѓошева, беа прекрасно дополнување на целокупното доживување на ова танцово шоу богато со многу танцови ефекти, прекрасна музика и многу убави костими изјави Ана Балова.
Таа е авторка на поголемиот дел од кореографиите на танцовото шоу „Барби“.

Ми. М.