Екоакција во Кичево

Младиот атлетичар на средни и долги патеки, Никола Миланоски, деновиве самоиницијативно спроведе екоакција за собирање комунален отпад од градскиот стадион во Кичево, при што собра 10 големи пластични вреќи со комунален отпад, кој претежно се состоеше од пластична амбалажа од сите големини. Тој по вторпат за краток период ги покажа својата безгранична хуманост и развиена свест за чиста и здрава човекова околина.
– Кога пред еден месец почнав да се подготвувам на градскиот стадион во Кичево, уште при првата посета на стадионот бев вчудовиден од глетката пред моите очи. Безброј пластични шишиња беа расфрлани пред трибините и зедов обврска целосно да го исчистам овој отпад и да го разубавам просторот на кој не му доликува ваков неред. Набавив педесетина големи пластични вреќи и почнав да ја реализирам планираната екоакција. По повеќе часови интензивна работа собрав дури десет големи пластични вреќи со комунален отпад, претежно амбалажа, и се надевам дека комуналното претпријатие од градот ќе го подигне овој отпад за повторно да не го растурат на овој простор. Исто така и на сите канти за отпадоци ставив нови пластични вреќи со желба да ги мотивирам сите оние што доаѓаат на стадионот и носат со себе пластична амбалажа да ја остават во кантите наменети за комунален отпад – истакна младиот Никола.
Тој најави слична акција и за спортскиот центар во СРЦ „Крушино“.
– За да му го вратам стариот крај на СРЦ „Крушино“, во блиска иднина, најверојатно пролетва, ќе реализирам уште една екоакција во спортскиот центар, за да ја избришам грдата слика на просторот од многубројните пластични шишиња и секаков друг вид отпад расфрлани низ центарот. Се надевам и очекувам и други доброволци од градот да ми се придружат во оваа акција за да можеме да го исчистиме целиот простор од расфрланиот пластичен отпад, што остава грда слика за секој што барем еднаш бил тука – вели Миланоски, кој е бескрајно заљубен во чистата природа, која, за жал, сѐ помалку ја има во Кичевскиот Регион.

З.А.