Фото:Принтскрин

Исплатата на парите од услугата МојДДВ и за поврат на ДДВ за компаниите тече континуирано, порача денска директорката на Управата а јавни приходи (УЈП) Елена Петрова.

Нагласи дека прво треба да заврши обработката на кварталните даночните пријави кои се поднесени до 25 јануари по што почнува исплатата на средствата од МојДДВ.

-Во самиот процес се случува граѓани да променуваат трансакциски сметки, а УЈП доставува групни налози до Трезорот. Често ни ги враќаат заради угасени сметки во самиот тек на поврат на средствата. Доколку и само еден граѓанин ја угасне сметката се враќаат налози за други 8.000 граѓани и тоа значи дека процесот треба да почне наново. Можеби затоа стигнавме до крајниот рок со реализацијата на услугата. Сепак, во секој случај граѓаните ќе ги добијат своите средства навреме – истакнаа од УЈП на денешната средба со новинарите.

За исплата на средства за МојДДВ, како што посочи, за изминатиот квартал се предвидени 870 милиони денари.

И за повратот на ДДВ за компаниите, директорката Петрова рече дека се реализира континуирано.

-Средствата за поврат на ДДВ се исплаќаат континуирано. Побарувањата за поврат на ДДВ, УЈП ги разгледува малку потемелно и прави подлабински контроли. Во моментов кога дојдов на оваа функција наследивме и неодобрени побарувања, но и одобрени, а не исплатени. Тие се ставени на препроверка, меѓутоа самите бројки покажуваат дека во континуитет се реализира повратот на ДДВ – оцени Петрова.

Нагласи дека повратот на ДДВ е динамична материја.

-До 25 февруари се поднесени нови даночни пријави што значи дека има и нови барања за поврат на ДДВ. До крајот на месецов, што значи до утре, како и до 15 март е законскиот рок да поднесуваат исправки на даночни пријави за 2024 година за друга група на корисници што значи дека и тука ќе настана промени – некои побарувања ќе бидат повлечени или намалени, ќе дојдат нови побарувања. Тоа е динамична материја – појасни Петрова.

За истрагата за поврат на ДДВ за „фантомските фирми“ посочи дека УЈП ги заврши инспекциските контроли.

-Записниците од контролите кај тие 10-тина компании се доставени до истражните органи, до Управата за финансиска полиција и до Јавното обвинителство. Вкупната сума на утврден непријавен и помалку платен данок во овие контроли изнесува околу четири милијарди денари – прецизира Петрова.

За повратот на ДДВ заостанат од претходната влада, рече дека се расчистува тековно освен за некои случаи за кои, додаде, можеби не се завршени контролите.