Што ќе гледаме во март во Кинотеката на Македонија?
Кинотеката на Македонија за март подготви богат и разновиден филмски репертоар исполнет со јубилејни проекции, премиери и посвети на значајни автори и филмски остварувања. Оваа програма ќе им овозможи на филмските љубители да уживаат во ремек-дела од светската и македонската кинематографија, низ искуство што комбинира историја, емоции и незаборавни кадри.
– Овој месец ја славиме моќта на филмот како средство за раскажување приказни, за премостување на времето и за оддавање почит на оние што ја обликуваа седмата уметност – велат од Кинотеката.
Во рамките на програмата на јубилејни проекции на култни филмови ќе биде прикажан „Враќање во иднината“ (1985, режија: Роберт Земекис) по повод 40 години од премиерата на еден од најобожаваните научнофантастични филмови, кој ја дефинираше поп-културата и инспирираше генерации. Потоа ќе може да го видиме „Реквием за еден сон“ (2000, режија: Дарен Аронофски) по повод 25 години од премиерата на оваа потресна драма, едно од највознемирувачките истражувања на човечката зависност и пропаст.
Во програмата „Ин мемориам“, чија цел е да им оддаде почит на големите автори и уметници, ќе може да се погледне „Приказната за Стрејт“ (1999, режија; Дејвид Линч). Проекцијата е во чест на неодамна починатиот мајстор на филмската илузија Дејвид Линч, со приказна што зрачи со топлина и човечност, различна од неговите вообичаени надреални светови. Во истиот дел ќе има и специјална програма посветена на македонскиот уметник Коле Манев, чиј придонес во културата ќе остане незаборавен.
Во рамките на програмата „Јубилејна проекција на историски епоси“ Кинотеката ќе го прикаже „Јазол“ (1985, режија: Кирил Ценевски) по повод 40 години од ова ремек-дело на македонската кинематографија. Во истата програма ќе има проекција и на „Гладијатор“ (2000, режија: Ридли Скот) по повод 25 години од премиерата на епскиот филм, кој го освои светот со својата грандиозна приказна за чест, одмазда и сила. Тоа е филм што продолжува да инспирира љубители на историјата и кинематографијата.
Премиерна проекција ќе има и „Гладијатор 2“ (2024, режија: Ридли Скот). Ќе може да го видиме долгоочекуваното продолжение на славната сага, кое повторно ќе нѐ врати во светот на римските арени и борбите за моќ. Дали ова продолжение ќе ја достигне величината на оригиналот?
Предвидени се специјални проекции на култни филмови: „Црна Марија“ (1986) – култен југословенски филм со Милан Младеновиќ од ЕКВ во една од главните улоги, кој останува значајно сведоштво за времето и духот на тогашната сцена, урбана поезија на филмската лента; и „И Бог ја создаде жената“ (1956, режија: Роже Вадим) – антологиска драма со Брижит Бардо, во чест на француската кинематографија и нејзиниот бунтовен дух, филм што го редефинираше женскиот лик во европскиот филм.
По повод сто години од раѓањето на Пол Њумен ќе биде прикажан „Долго топло лето“ (1958, режија: Мартин Рит). Овој филм со легендарниот Пол Њумен и Орсон Велс ќе биде прикажан во чест на големиот актерски јубилеј. Станува збор за совршен приказ на страст, амбиција и судир на генерации, со Њумен во една од неговите најхаризматични улоги.
– Како и секоја година, Кинотеката ќе ја обележи франкофонијата со избор на француски и франкофонски филмови, кои ќе ја донесат магијата на европскиот авторски филм. Од класици до современи бисери, овој циклус ќе биде вистински подарок за љубителите на француската култура. Оваа богата програма ветува вистинско уживање за љубителите на филмската уметност. Ве покануваме да бидете дел од овој исклучителен филмски месец – месец на славење на кинематографската магија, минатото, сегашноста и иднината на филмот – велат од Кино теката на Македонија. В.Д.