Фото: Х/ Министерство за надворешни работи на Русија

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, во обраќање во руската Дума, изјави дека Русија разговарала со американскиот државен секретар Марко Рубио за „отстранување на заканите кон Русија“ кои, според него, произлегуваат од обидите за вклучување на Украина во НАТО, јави Би-би-си.

– Треба да ги отстраниме сите закани за Русија кои беа создадени со обидите да се вовлече Украина во НАТО – рече Лавров.

Тој истакна дека „акциите на киевскиот режим“ мора да бидат „запрени“.

– Целта им е да уништат сè што има врска со Русија – додаде рускиот министер.

Лавров нагласи дека задачите поставени од рускиот претседател Владимир Путин се „задачи од големо значење“.

Неговите коментари доаѓаат по средбата меѓу американски и руски претставници во Саудиска Арабија, каде што се дискутираше за ситуацијата во Украина.

Тој нагласи дека „нема алтернатива за искоренување на основните причини за украинската криза“, додавајќи дека тоа го „потенцирал“ и Путин за време на неговиот телефонски разговор со Трамп на 12 февруари.

Осврнувајќи се на разговорите во Саудиска Арабија, Лавров рече дека „посветивме особено внимание на оваа тема“.

– Пред се ова е за отстранување на заканите за безбедноста на Русија кои се создаваа многу години со вовлекување на Украина во НАТО – вели тој.

Украина моментално не е членка на НАТО, но во 2008 година Алијансата се согласи дека земјата на крајот ќе се приклучи.

Додека Русија постојано повторуваше дека членството на Украина ќе биде безбедносна закана, НАТО тврди дека секоја земја има право да избере на кои групи ќе им се придружи.

Во однос на руската надворешна политика, Лавров изјави дека Русија продолжува да гради „мултиполарен свет“ во кој сè повеќе земји ја отфрлаат „надворешната диктатура“ и формираат нови сојузи, како што е БРИКС – групацијата составена од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка.

– Имаме воспоставено партнерство со Иран и стратешка соработка со Кина – рече Лавров, нагласувајќи дека односите меѓу Москва и Пекинг никогаш не биле посилни.

Тој додаде дека Русија има силни врски со Белорусија и дека Кремљ ќе продолжи да ги продлабочува овие односи.