Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со ограничувањето на маржите, кое е предвидено да трае до 30 април, предвидено е да бидат опфатени основните прехранбени продукти, како и детергентите и бебешката храна. Министерството за економија ќе разгледува дали, покрај оваа мерка, ќе има потреба да се носат и дополнителни мерки за кроење потрошувачки кошнички, по мера и желби на граѓаните

Институционални мерки за справување со високите цени на храната

Владата донесе одлука да ги ограничи маржите во трговијата на мало до 10 отсто и исто толку и во трговијата на големо по порастот на цените на основните прехранбени производи и граѓанските бојкоти што беа организирани во изминатите две недели. Кај трговците на мало е утврдено дека имало над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, како што покажал извештајот на Државниот пазарен инспекторат. Кај увозниците дистрибутери, пак, утврдени се повисоки маржи, кои оделе дури и до 50 отсто.
Со ограничувањето на маржите, кое е планирано да трае до 30 април, предвидено е да бидат опфатени основните прехранбени продукти, како и детергентите и бебешката храна. Министерството за економија ќе разгледува дали, покрај оваа мерка, ќе има потреба да се носат и дополнителни кошници. До утре треба да се изврши и контрола кај производителите на млеко и млечни производи и производителите на месо и млечни производи.
– Владата го задолжи Министерството за економија да донесе одлука за 10-процентно ограничување на маржата во трговијата на мало и за 10 проценти во трговијата на големо на основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи што беа во претходните кошници, но истата таа да се дополни со средства за хигиена, како што се детергентите, како и со бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а истите тие се дел од основните потреби на граѓаните. Очекуваме да бидат вклучени над сто групи на производи – изјави завчера портпаролката на Владата, Марија Митева.
Упатена е препорака до маркетите да ги објавуваат цените на нивните производи и редовно да ги ажурираат на дневна основа.

Ограничувањето на маржите ќе ги опфати производите од есенската потрошувачка кошничка дополнети со непрехранбени продукти со високи маржи

Предлог-одлуката за ограничување на маржите ќе биде доставена најдоцна денеска, најавува министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. Со неа ќе бидат опфатени производите од есенската потрошувачка кошничка дополнети со непрехранбени производи кај кои се забележани високи маржи.
– Ќе има околу сто групи на производи. Ќе се додадат и непрехранбени производи затоа што анализата на Државниот пазарен инспекторат покажа дека има такви производи каде што е зголемена маржата. Одлуката ќе важи до 30 април и ќе бидат опфатени и двата големи празника Велигден и Рамазан – изјави завчера Дурмиши.
Тој најави и состанок со надлежните институции, на кој ќе се разговара за мерките што би имале подолгорочен ефект. 


Бојкотот го намали прометот во најголемите трговски синџири

Граѓаните во земјава во петоците во изминатите две недели беа повикани преку социјалните мрежи да ги бојкотираат големите трговски синџири поради високите цени на основните прехранбени производи, по примерот на Хрватска, кој го усвоија и други држави од соседството. Првата акција покажа дека прометот во осумте најголеми трговски синџири беше намален речиси за 50 отсто, а во вториот бојкот минатиот петок беше паднат за 22,12 отсто.
Поради високите цени, а во пресрет на новогодишните празници, од 15 декември до 15 јануари беше креирана и новогодишна кошничка, која вклучуваше намалување на основните прехранбени производи. Кошничката вклучуваше 1.178 производи од 96 производители и дистрибутери, а беа вклучени 51 маркет. Таа беше креирана по иницијатива на бизнис-секторот, но уште на самиот почеток имаше реакции од граѓаните дека за сметка на производите што се намалени, зголемени се цените на други производи, по што Владата апелираше до трговците да покажат општествена одговорност и да се придржуваат до договореното. Е.Р.