Вработените од градежната компанија „Синохидро“ од Кина, Новата година ја пречекаа во бараките во село Извор, специјално изградени за сместување на работниците од оваа кинеска компанија ангажирана во изградбата на автопатот Кичево-Охрид.
Во нешто помал број споредено со претходните години, работниците од оваа компанија на традиционален начин ја пречекаа Годината на змијата со специјалитети својствени за кинеската кујна подготвувани специјално за највеселата ноќ во годината од нивниот готвач Ше.
-Иако сме далеку од дома сепак следејќи ги програмите на националната телевизија се чувствуваме како да сме меѓу своите во родната земја. Дел од нашите работници за големиот празник заминаа во татковината, а ние празникот ќе го пречекаме далеку од родната земја во дружба и со специјалитети својствени за нашата кујна. Дружбата со своите колеги и соработници помага полесно да ја совладаме носталгијата која е својствена кога сме толку далеку од нашата татковина – вели готвачот Ше, кој 11 години подготвува секакви јадења од кинеската кујна за работниците од далечниот Исток сместени во бараките во село Извор.
Тој наведе дека за големиот празник ќе доминираат специјалитети од националната кујна, од изобилство на зеленчук, пикантни колбаси, пилешко печење, риба на кинески начин, јагнешко со мед, задолжителни десерти и се она што е застапено во исхраната на нашата кујна.
Синоќа пред почетокот на одбележувањето на Новата година во населбата во село Извор беше реализиран и традиционалниот огномет, кој секогаш Кинезите го практикуваат за дочек на својата Нова година. Пречекот на Кинеската Новата година беше од затворен тип.
З.А