Фото: Принтскрин

Рускиот претседател Владимир Путин се плаши од преговори за ставање крај на војната во Украина, изјави ноќеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.

– Денеска Путин уште еднаш потврди дека се плаши од преговори, дека се плаши од силни лидери и дека прави се за да ја продолжи војната – напиша Зеленски на платформата Х, откако рускиот претседател ги исклучи како можност директните разговори со неговиот украински колега.

Путин претходно денеска изјави дека конфликтот во Украина ќе заврши во рок од „два месеци или помалку“ без воената помош од западните сојузници за неа. Украина во моментов  стравува од драстично намалување на американската помош со враќањето на Доналд Трамп на власт.

– Тие (Украинците) не можат да преживеат, нема да издржат ниту еден месец ако останат без пари и, воопшто, муниција. Сè би било готово за месец и половина или два – рече Путин во интервју за Руската државна телевизија.

Рускиот претседател додаде дека се можни преговори за ставање крај на конфликтот во Украина, но ги отфрли директните разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кого го смета за „нелегитимен“.

Руската инвазија на Украина започна на 24 февруари 2022 година.