Фото: ЕПА

Годинашното шоу е проширено на милион квадратни метри, со околу 300.000 кубни метри мраз и снег искористени за изработка на градби и скулптури, што е најголемо количество досега искористено за фестивалот. Технологијата исто така игра суштинска улога во завршувањето на еден ваков голем проект со висока ефикасност и врвен квалитет

Со спектакуларно шоу со дронови и неверојатен огномет, минатата недела беше отворено четириесет и првото издание на Меѓународниот фестивал на мраз и снег во Харбин во североисточната кинеска провинција Хеилонгџијанг. „Светот на мраз и снег“ во градот првиот ден примил над 800 илјади посетители, што е зголемување од речиси 25 отсто на годишно ниво.
Зимскиот туризам во Кина продолжува да напредува во тековната зимска сезона, откако Министерството за култура и туризам на земјата неодамна објави 12 патувачки дестинации за зимски туризам, додека различни региони, скијачки центри и снежни паркови во Кина воведоа низа мерки за да се промовира зимскиот туризам.
Харбин, исто така промовираше унапредување на т.н. „Свет на мраз и снег“. Годинашното шоу е проширено на милион квадратни метри, со околу 300.000 кубни метри мраз и снег искористени за изработка на градби и скулптури, што е најголемо количество досега искористено за фестивалот.
Технологијата исто така игра суштинска улога во завршувањето на еден ваков голем проект со висока ефикасност и врвен квалитет, при што сложените ледени структури се осветлуваат ноќе во прекрасен спектар на бои.

Во април минатата година, фестивалот соработуваше со институтот за технологија „Харбин“ на локален научно-технолошки проект за развој на т.н. паметна опрема за правење ледени блокови.
– За разлика од претходната конструкција, која главно се потпираше на рачна работа, нашата опрема развиена во текот на повеќе од шест месеци вклучува технологии за визуелно препознавање со вештачка интелигенција – рече професорот Рен Бингин, водач на проектот од Факултетот за мехатроничко инженерство на институтот за технологија „Харбин“.
Рен додаде дека опремата, со автоматска контрола, постигнува паметно контролирање на процесот на производство на стандардни блокови мраз.
Тематскиот парк со мраз и снег вклучува елементи инспирирани од претстојните Азиски зимски игри во Харбин во 2025 година.

Од доаѓањето на зимата, туристи од различни региони се собираат во Харбин. Помеѓу 1 декември и 21 декември минатата година, меѓународниот аеродром „Харбин Тајпинг“ опслужил околу 1,43 милион патници, што е за 13,9 отсто повеќе на годишно ниво, а туристите сочинуваат околу 60 отсто.
Фестивалот во Харбин е еден од најголемите од ваков вид. На него се претставени високи објекти од мраз и снег, а вообичаено има низа организирани активности за посетителите, како што се санкање, хокеј на мраз, лизгање и скијање. Фестивалот првпат бил организиран во 1963 година.