Архивска фотографија (Фото: Официјална страница на Кремљ)

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, изјави дека се договара средба меѓу него и рускиот претседател Владимир Путин, но без да даде временска рамка за тоа кога може да се одржи средбата, објави Би-би-си.

– Тој сака да се сретнеме и ние го подготвуваме тоа – изјави Трамп од неговото одморалиште Мар-а-Лаго на Флорида.

Руската новинска агенција Тасс го цитира портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој вели дека САД сè уште официјално не побарале средба.

Трамп вети дека ќе преговара за крај на војната во Украина веднаш откако ќе ја преземе функцијата на 20 јануари и изрази скептицизам за американската воена и финансиска поддршка за Киев.

– Претседателот Путин сака да се сретнеме. Тој тоа го кажа дури и јавно и мораме да ја завршиме таа војна. Тоа е крвав хаос – рече Трамп.

По победата на Трамп на изборите во ноември, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека верува оти, со Трамп како претседател, војната „ќе заврши побрзо“ отколку што инаку би завршила.