Во Вараждин, каде што ќе ги игра мечевите во групата Д на СП 2025, Македонија загуби од Хрватска со 25-27 (14-13). „Не ме загрижува поразот, мислам дека бевме многу добри. Имаме уште две подготвителни средби до Светското првенство и мислам дека ќе бидеме подготвени“, изјави селекторот Лазаров за „Спортске новости“
РАКОМЕТ – ПОДГОТОВКИ ЗА СП 2025
Македонската машка ракометна репрезентација во рамките на подготовките за претстојното Светско првенство (СП), од 14 јануари во Хрватска, Данска и во Норвешка, го одигра и петтиот контролен натпревар во настојувањето да се крене формата. Во хрватскиот град Вараждин, каде што ќе ги игра мечевите во групата Д на СП 2025, Македонија загуби од Хрватска со 25-27 (14-13). Избраниците на селекторот Кирил Лазаров одиграа квалитетен меч, намачувајќи го противникот да дојде до победата. Хрватска има пет медали од мундијалите (по едно злато и бронза и три сребра), шест од европските првенства (по три сребра и бронзи) и три од летни олимписки игри (две злата и една бронза).
Во македонските редови одлични беа голманите Никола Митревски со 10 одбрани од 29 шута и Марко Кизиќ со пет одбрани (три од седум метри) од осум удари, а од играчите, левото крило Никола Костески и пикерот Жарко Пешевски постигнаа по четири гола, од четири, односно од пет шута. Кај Хрватите доминираше левиот бек Звонимир Срна, кој постигна шест погодока од осум обида.
Лазаров ги имаше на список сите 19 играчи од кои 10 се запишаа во листата на стрелците, а кај Хрватите на трибините беа Матија Шпикиќ, Лука Циндриќ, Јосип Шимиќ и Никола Граховац.
– Задоволен сум од натпреварот. Она што го сакавме го видовме во Вараждин во еден меч што се одигра во убава атмосфера. Не ме загрижува поразот, мислам дека бевме многу добри. Имаме уште две подготвителни средби до Светското првенство и мислам дека ќе бидеме подготвени – изјави Лазаров за „Спортске новости“.
Македонија до почетокот на СП 2025 ќе одигра пријателски дуели и против хрватскиот клуб Сесвете и против репрезентацијата на Зелено’ртските Острови.
Селекторот на Хрватска, Исланѓанецот Дагур Сигурдсон, пак, не беше задоволен од прикажаното на теренот во Вараждин.
– Во првото полувреме одбраната беше ужасна, а шутот однадвор уште полош. Направивме премногу грешки. Генерално, имаше многу негативни работи. Второто полувреме беше подобро, нашата одбрана беше посилна, но мораме да бидеме подобри и во нападот. Се надевам дека така ќе биде денеска во Загреб против Словенија – рече Сигурдсон за хрватски „Индекс“ по натпреварот.
За црвено-жолтите ова беше четврти подготвителен натпревар за СП, а забележаа две победи и два пораза. Победени се српските суперлигаши Нови Београд (88-45) и Динамо Панчево (51-46) во Стара Пазова (натпревари од три дела со по 30 минути), а во класичен меч загуби од комбинираната селекција на Србија (29-34) и од Хрватска.
Македонија досега настапила осум пати на СП. За црвено-жолтите ова ќе биде 14-то големо натпреварување во низа, почнувајќи од 2012 година. Македонија во групата Д ќе игра со Унгарија на 15 јануари (од 20.30 ч.), два дена подоцна со Холандија (18 ч.) и на 19 јануари со Гвинеја (20.30 ч.). Првите три селекции од секоја од осумте групи продолжуваат во втората групна фаза.
Унгарија одигра нерешено, 31-31 (15-16), со селекцијата на Србија во пријателски меч, во српскиот град Сомбор пред околу 2.000 гледачи. Најефикасни кај Унгарците беа Жолт Краковски, Бенце Краковски и Миклош Роста со по четири гола. Кај домаќинот предничеше Вања Илиќ со шест, Симо Шијан постигна пет, а Матеја Додиќ и Данило Радовиќ по четири погодоци. Двете селекции ќе одиграат уште еден пријателски дуел, денеска, во Сегед (Унгарија).
Од преостанатите пријателски дуели завчера, во пресрет на СП 2025, Полска – Австрија 31-19, Норвешка – Египет 33-29, Шпанија – Аргентина 32-18, Јапонија – Тунис 34-33, Франција – Чешка 37-28. Г.И.