Децата со физички, развојни, интелектуални и емоционални попречености се уникатно ранливи и непропорционално погодени од феноменот на малтретирање. Булингот може да се дефинира како форма на агресивно однесување во кое некој намерно и постојано му предизвикува повреда или непријатност на друго лице. Постојат три основни типа на булинг: вербално, социјално и физичко малтретирање.
Вербално малтретирање се кажување или пишување лоши нешта, задевање, несоодветни коментари, исмевање, заканување… Социјалното малтретирање вклучува повреда на нечија репутација или релации, занемарување, кажување на другите деца да не се дружат со поединецот, ширење гласини за некого, засрамување некого во јавност… Физичкото малтретирање вклучува повредување на телото или злоупотреба на работите на една личност (удирање, клоцање, штипење, плукање, сопнување/туркање…), земање или кршење нечии работи, правење злобни или груби гестови со рацете.
Знаци што укажуваат на булинг
За да мoжат возрасните да интервенираат и да го прекинат булингот, тие треба да забележат кога едно дете е жртва на булинг. Некои знаци што можат да укажат на тоа дека детето е жртва на булинг се необјасниви повреди; изгубени или уништени облека, книги, електроника или накит; чести главоболки или стомачни болки; гадење; промени во навиките во исхраната, како ненадејно прескокнување оброци или прекумерно јадење; тешкотии со спиењето или чести кошмари; губење интерес за училишна работа; ненадејна загуба на пријателите или избегнување на социјалните ситуации; чувство на беспомошност или намалена самодоверба.
Децата со физички, развојни, интелектуални и емоционални попречености имаат поголема веројатност да бидат жртви на булинг отколку нивните врсници. Иако и децата без тешкотии во развојот се соочуваат со значителни негативни емоционални, образовни и физички последици од булингот, децата со тешкотии во развојот се уникатно ранливи и непропорционално погодени од феноменот на малтретирање. Тоа ја нагласува потребата од целосно вклучување заштитни механизми во програмите за поддршка на тие деца, како и од издигање на свеста за сериозноста на проблемот кај родителите, воспитувачите, наставниците и заедницата во целина.
Децата со попречености не само што се соочуваат со зголемен ризик од булинг туку и последиците од булингот за нив може да бидат особено сериозни, вклучувајќи засилени чувства на изолација, ниска самодоверба и зголемен стрес. Булингот може дополнително да ги влоши нивните постојни предизвици, како и да создаде нови бариери за нивната интеграција во образовниот процес и општеството.
Покрај тоа, недостигот од соодветни интервенции, поддршка и разбирање од врсниците, наставниците и заедницата може да го продолжи циклусот на малтретирање. Вклучувањето стратегиски мерки за превенција, како што се програми за градење емпатија, едукативни работилници и индивидуализирана поддршка, е клучно за обезбедување сигурна и поддржувачка средина за тие деца. Социјалната инклузија и активното учество на сите деца во воспитно-образовниот процес, без оглед на нивните способности, се од суштинско значење за справување со овој проблем.
Ризик-фактори за булинг кај децата со тешкотии
Ризик-факторите за булинг може да ги опфаќаат: недостигот од социјални вештини, бројот и квалитетот на пријатели, социјалното отфрлање и изолација, физичкиот изглед и отсуствата од училиште. Децата со тешкотии во учењето или кои се на аутистичниот спектар, може да се однесуваат различно од своите врсници, што може да изгледа неконвенционално или необично. Можеби им недостигаат социјални вештини или самодоверба за лесно да се вклопат во нивната врсничка група. Одделни студии докажале дека децата со тешкотии имаат помалку пријатели отколку децата без тешкотии. Пријателствата се заштитни фактори против виктимизацијaта.
Општественото отфрлање е вообичаено за децата со посебни потреби. Некои деца често се малтретирани едноставно затоа што изгледаат „различно“ од другите деца. Децата и младите со тешкотии може повеќе да отсуствуваат од училиште доколку примаат одреден третман, а тоа може да влијае врз нивните социјални вештини и создавањето пријателства.
Што можат да направат родителите во врска со булингот?
Разговорот со детето за булингот е првиот чекор во помагањето тоа да се справи со тој предизвик. Разговорот со детето со тешкотии во развојот за булингот треба да биде постојан и искрен, охрабрувајќи го да ги сподели своите чувства и искуства. Научете го стратегии за справување, како што се: „Зборувај кога ќе се случи булинг“, „Обиди се да не плачеш или да не се караш со насилникот“, „Замини“, „Кажи му на возрасен од доверба“… Важно е и да се воспостави комуникација со наставникот на детето за да се утврди дали може да помогне во решавањето на проблемот.
Водењето дневник или известувањето на надлежните органи за настанатата ситуација е дополнителен чекор за документирање и преземање соодветни мерки. Поддржете го детето во развивање нови пријателства и соработувајте со други родители за создавање мрежа на поддршка. Играњето улоги со сценарија „Што ако…“ е ефикасен начин за градење доверба и охрабрување на детето да се справи со предизвиците.
Дополнително, поттикнете обуки за други родители и наставници за создавање инклузивна и безбедна средина, како и за соучениците за развивање емпатија и разбирање на различностите. Со ваков холистички пристап се гради сигурно опкружување во кое детето може да се чувствува заштитено и поддржано.
Данијела Зорчец
Авторката е дипломиран психолог
„Республика“