Во време кога празничната магија за децата е ограничена на комерцијални прослави, Струмица ќе биде збогатена со еден од ретките културни настани што инспирираат имагинација, креативност и вредности.
Денеска, со почеток во 18 часот, во големата сала на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, премиерно ќе биде прикажана детската претстава „Новогодишна магија“. Во режија на Танкица Стојанова, а во продукција на здружението „Алфа Касиопеа“ од Струмица и во соработка со центарот за балетска уметност „Реверанс“, претставата „Новогодишна магија“ има интересна и привлечна приказна, која на публиката од различни возрасти ќе ѝ пренесе вистинско празнично расположение и убави пораки. Актерската екипа за претставата ја сочинуваат талентираните локални актери Мирче Ташев, Елена Николова, Лилјана Кочева, Ивана Чонева, Катја Маглешева, Лаура Андреева и Коста Ангов. Реализацијата на претставата институционално е поддржана од Општина Струмица.
Во време кога празничните културни активности за деца се дефицитарни, актерката Танкица Стојанова одговори на предизвикот, внесувајќи празнична веселба и културно збогатување во Струмица. Преку овој инспиративен пример, Стојанова ги оживува радоста, имагинацијата и вредностите и ги отелотворува во возбудливата детска претстава „Новогодишна магија“.
– Сезоната на празници е магичен период, но за многу деца таа магија е ограничена на комерцијални прослави. Културните настани што инспирираат имагинација, креативност и вредности, за жал, од ден на ден се сѐ помалку. Ова за мене беше поттик да креирам „Новогодишна магија“ во форма на детска театарска претстава во која еднакво ќе уживаат и родителите. Новогодишната магија е радост и веселба, потсетник за убавината на празничниот период и за важноста на добрината и заедништвото. Се надевам дека со нашата Новогодишна магија ќе донесеме многу забава, новогодишно расположение и значајна порака за вистинскиот дух на сезоната – вели Стојанова.
Празничното расположение и пораки се рефлектираат и во приказната на претставата, која го прикажува светот на група деца што се подготвуваат за новогодишната ноќ. Среде блескави украси, исчекување и доза сомнеж од скептикот по име Васко, претставата ги истражува темите на верувањето, добрината, љубовта, надежта и заедништвото.