Долгогодишна традиција на учениците од гимназијата „Добри Даскалов“ од Кавадарци е секоја година да им приредуваат вистинско театарско доживување на кавадарчани. По нивниот голем успех на 41-то издание на меѓународниот фестивал на уметноста „Утрина ѕвезда“, кој се одржа од 27 ноември до 1 декември во Банско, Бугарија, и освојувањето на втората награда со претставата „Евгениј Онегин“, тоа задоволство го имаше и кавадаречката публика, и тоа минатата среда, со две изведби поради големиот интерес.
– Годинава во категоријата театарски претстави на фестивалот „Утрина ѕвезда“ се натпреваруваа десетина пиеси од земјите од регионот. Емоционалната изведба допре до членовите на жирито, а публиката ја крена на нозе. Таа со громогласен аплауз ја поздрави маестралната изведба на учениците, кои со својата професионалност испишаа уште една успешна приказна и покажаа што значат единство, другарство и мотивираност. Младите гимназијалци секоја сцена ја доведоа до совршенство и создадоа настап за паметење – изјави професорката Васка Петкова.
Таа и професорот Драган Вељковиќ им беа ментори на гимназијалците.
Веруваме дека и по изведбата пред кавадаречката публика во салата на домот на културата „Иван Мазов-Климе“ уште долго ќе се зборува за впечатливата изведба, а публиката ќе ги памети играта, сцените, дијалозите, но најмногу емоцијата што им ја подарија младите актери.
„Евгениј Онегин“ е театарска претстава за копнежот и силата на љубовта. Ова безвременско дело од руската книжевност на Александар Сергеевич Пушкин говори за вечната потрага по љубовта и затворениот круг на страдањето на Онегин, Татјана, Олга, Ленски…
– Улогата на Евгениј Онегин, претставникот на градската благородничка средина, заводник со сто лица, одлично ја играше Александар Стојков. Крај него блесна Марија Вчкова во ликот на Татјана Ларина и ја освои публиката со сцените на љубовните изјави, копнежот, разочарувањето и болката од невозвратената љубов. Улогата на поетот Владимир Ленски ја толкуваше Ристе Стојанов, Олга Ларина беше Ивана Секуловска, а настапи и нејзиниот сопруг Јован Илов, мајката на сестрите Ларини е Марија Шалевска, а дадилката Цветанка Ристовска. Наратори во претставата беа девојките: Елена Илова, Мартина Илиевска, Надица Ангеловска, Лилјана Лазова и Дијана Мишова. Тие многу сугестивно ја внесоа публиката во приказната и го водеа главниот јунак Евгениј вешто поврзувајќи го минатото со сегашноста. Морам да ги истакнам целосната посветеност и вложениот труд на сите учесници во претставата, кои со помош на нас менторите и режисерката Микица Илова го остварија овој голем успех со кој се гордееме сите– истакна професорката Васка Петкова.