За неполни шест месеци се почнати осум нови инвестиции во вредност од над 700 милиони евра кои потенцијално ќе вработат околу 2 800 граѓани, рече премиерот Христијан Мицкоски по денешниот состанок на Советот на странски инвеститори.
Според примерот, инвестициите директно придонесуваат за поттикнување на економскиот раст и за локалниот екононски развој.
– Целта е годинава да стигнеме до историските една милијарда странски директни инвестиции што сметам дека е остварливо и по глава на жител да бидеме најдобри во регионот или меѓу неколкуте водечки во Европа – подвлече Мицкоски.
На состанокот со Советот, рече, се разговарало и за усогласување на глобалниот минимален данок.
– Разговаравме за единствената давачка за која во моментов размислуваме, давачката која треба да се усогласи со македонското законодавство поврзано со глобалниот корпоративен данок. Мислам дека е фер и коректно за македонските граѓани, оние компании кои тука реализираат профит, оние пет отсто повеќе од рамниот данок од десет отсто да ги уплатат во нашиот Буџет – истакна премиерот.
Тој се осврна и на домашните инвестиции. Потсети дека наскоро од денеска на македонските компании ќе им бидат ставени на располагање 250-те милиони евра од унгарскиот кредит.
Претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо, ги пофали институциите дека забележале прогрес во однос на идеите и забелешките што им биле дадени од страна на бизнисот во изминатиот период. И тој го спомна усогласувањето на глобалниот минимален данок, кој, рече, ќе афектира 50 компании во земјава.
– Ќе мора таа регулатива да се адаптира со глобалната, подвлече Мизо и информира дека на денешниот состанок во Владата станало збор и за усогласување на царинските стапки и дополнителната хармонизација со царините во ЕУ, за Законот за странци, за добивање работни дозволи, дозволи за престој и дигитализација на тој процес, како и за воспоставување на глобалните меѓународните сметководствени стандарди – рече Мицкоски.
На состанокот биле присутни околу 50 компании од сите сектори.