Фото: Маја Јаневска Илиева

Винскиот салон „Винодонија 2024“, кој се одржува денеска и утре во хотелот „Мериот“ во Скопје, и оваа година нуди извонредна можност за сите љубители на виното да учествуваат во едукативни активности што ќе го збогатат нивното знаење и љубов кон виното.

Програмата вклучува седум ексклузивни мастер класи и работилници, водени од реномирани домашни и светски експерти, кои на посетителите ќе им понудат уникатно винско доживување.

Посетителите, денеска, на првиот ден од манифестацијата имаат можност да се запознаат со магичниот свет на пенливите вина преку работилницата „Во светот на меурчињата“. Оваа традиционална едукативна сесија, водена од сомелиерот Александар Вучковски, ги води учесниците низ историјата, производството и разновидноста на пенливите вина, со дегустација на неколку одлични примероци.

Љубителите на ризлинг ќе имаат шанса да учествуваат на мастер класот „Ризлинг – сорта за префинети и долговечни вина“. Оваа работилница, водена од проф. д-р Климе Белески и сомелиерот Александар Вучковски, нуди можност да се истражи оваа благородна сорта и нејзините карактеристики преку дегустација на шест различни примероци од различни региони. Посебно внимание привлекува и ексклузивната дегустација „Во долината на винската среќа – Дегустација на вина од северна Рона, Франција“.

Програмата утре продолжува со уникатното бесплатно едукативно предавање „Вино и срце“, каде д-р Емилија Лазарова од Универзитетската клиника за кардиологија ќе зборува за врската меѓу умереното консумирање на виното и здравјето на кардиоваскуларниот систем.

Љубителите на интернационалните вински култури ќе имаат можност да ја истражат винската традиција на Унгарија преку работилницата „Запознај ја винска Унгарија“. Под водство на винскиот едукатор Јожеф Кризманич, учесниците ќе се запознаат со унгарските вински региони, сорти и историја, дополнети со дегустација на внимателно селектирани вина.

За љубителите на иновациите, се посочува, работилницата „Враќање во иднината – новоформирани вински сорти од Србија“ ќе биде вистински предизвик.

Винодонија 2024 нуди единствена можност за винските љубители да уживаат во едукативни и интерактивни сесии, кои не само што ќе го збогатат нивното знаење, туку и ќе го направат нивното винско искуство незаборавно.