Управата за јавни приходи (УЈП) соопшти дека од вкупно 907 контроли согласно Законот за регистрирање готовински плаќања, кои ги спровела минатиот месец (од 1 до 30 ноември), кај 750 даночни обврзници не биле утврдени неправилности.
-Тоа покажува дека голем број даночни обврзници работеле во рамки на законските прописи. Сепак, кај 126 даночни обврзници УЈП утврди неправилности, кои се однесуваат на различни прекршоци и издаде прекршочни платни налози, како и решенија за привремена забрана за вршење на дејност на дел од нив – информира Управата.
Како што наведува во соопштение, 93 глоби биле изречени за неиздавање фискални сметки за извршен промет на добра и услуги; 10 глоби за неводење или непоседување книга за дневни финансиски извештаи; 16 глоби за непоседување резервен фискален систем на опрема; четири глоби за непоседување одобрен фискален систем на опрема; две лоби за неиздавање парагон блокови и една глоба за неприкажување промет од македонски производи.
УЈП напоменува дека во овие случаи, „целта не е само санкција, туку укажување и поддршка во правилната примена на законот и даночно усогласување на обврзниците“.
-Дополнително, во рамките на активностите во периодот на контролата беа констатирани три случаи на нерегистрирана дејност. За три даночни обврзници дадена е препорака во однос на неможноста за скенирање фискални сметки од страна на купувачите со цел подобрување на нивното работење – се наведува во соопштението.
Управата за јавни приходи информира дека ќе продолжи со своите активности и „ќе ги преземе сите неопходни мерки со цел почитување на законските прописи“. Апелира до сите даночни обврзници да ги почитуваат законските обврски да го регистрираат готовинското плаќање, да издаваат фискални сметки.
-Даночните обврзници кои имаат потреба од помош во процесот на усогласување со законските обврски, може да се обратат директно во Управата за јавни приходи, каде ќе добијат поддршка и стручни совети за правилно спроведување на сите потребни процедури. Нашата цел е да обезбедиме помош и поддршка за сите даночни обврзници да можат успешно да ги исполнат своите обврски и да бидат усогласени согласно со законите – соопшти УЈП.