Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претседателот на Собранието, Африм Гаши вели дека „ќе се обидат да ја променат формулацијата  „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“ и истакнува дека тоа е прашање на политички договор.

– Нормално, ќе се обидеме да ја смениме таа формулација. Ова е прашање на политички договор дали има политички сенс во моментов сите партии да го перципираат ова барање на Албанците со точен термин да се именува албанскиот јазик како што се нарекува – албански јазик, а не со кои било други резервни формулации поврзани со проценти – рече Гаши на денешниот брифинг со новинарите.

Спикерот нагласи дека сите албански пратеници и партии имаат единствен став во однос на формулацијата како е формулиран албанскиот јазик во Уставот, а тоа е формулација која, како што рече, не почитува ниту еден Албанец.

Гаши потенцира дека во Собранието не дискутирале доколку Уставниот суд донесе одлука трите спорни члена од Законот за јазици да бидат вратени во законодавниот дом.

– За тоа не сме разговарале, бидејќи тоа е работа на Уставниот суд. Мислам дека треба да почекаме и да видиме што ќе направи Уставниот суд и потоа во нова евентуална ситуација, но се надевам дека нема потреба од таква ситуација, но ако има тогаш ќе разговараме – рече Гаши.