По повод Светскиот ден на детето, младиот уметник Озбек Ајваз во соработка со Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) и Македонското здружение на млади правници (МЗМП) организираа герила-акција насловена „Моето детство е моја приказна“. Оваа акција има цел да ја издигне свеста за значењето на дигиталната приватност на децата и да ги поттикне родителите и општеството на одговорно и свесно однесување, кое ќе придонесе кон безбедноста и добросостојбата на младите во онлајн просторот.
Во Градскиот парк во Скопје беше поставена уметничка инсталација на Озбек Ајваз како симболичен потсетник дека секое дете заслужува приватен и безбеден простор за раст и развој. Акцијата е дел од проектот „Ефикасна правда за заштита на основните слободи и правото на приватност во онлајн просторот“, финансиран од Европската Унија.
Акцијата испраќа силна порака: иако споделувањето моменти од животот на децата е често со најдобри намери, тоа може да предизвика долготрајни несакани последици по нивната приватност и безбедност. Истражувањата покажуваат дека фотографии и видеа споделени од родителите на социјалните мрежи, честопати завршуваат на несоодветни места на интернет, изложувајќи ги децата на ризици од злоупотреба на податоците, идентитетски измами и дигитална експлоатација. Според процените, до 2030 година, милиони деца би можеле да станат жртви на злоупотреба на нивните лични податоци како резултат на прекумерното споделување такви содржини.
– Грижата за приватноста на децата во дигиталниот свет е заедничка одговорност. Ги повикуваме родителите да бидат внимателни и информирани при споделувањето фотографии и податоци за своите деца на социјалните мрежи. Важно е да се разберат потенцијалните ризици што го следат дигиталниот отпечаток на децата и да се преземат мерки за заштита на детската приватност – велат од Македонското здружение на млади правници.