Крунисувањето на британскиот крал Чарлс Трети и кралицата Камила минатата година чинеше 72 милиони фунти (86 милиони евра), соопшти денеска британската влада. Во својот годишен извештај, британскиот Оддел за култура (ДЦМС), кој беше одговорен за организирање на крунисувањето, прецизираше дека самата церемонија чинела 50,3 милиони фунти (60 милиони евра), а 21,7 милиони фунти (26 милиони евра) се издвоени за безбедносни трошоци, објави Ројтерс.
Се прецизира дека по повод крунисувањето на кралот Чарлс биле објавени повеќе од 100.000 вести, а настанот го следеле две милијарди луѓе во 125 земји.
Крунисувањето на кралот Чарлс беше помалку луксузно од крунисувањата на неговите претходници, вклучително и неговата мајка, кралицата Елизабета Втора, што ја одразува помодерната ера во која многу Британци исто така доживеаја финансиски тешкотии, наведува британската агенција.
Кралот Чарлс и кралицата Камила беа крунисани на 6 мај 2023 година на најголемиот кралски настан во Обединетото Кралство во последните седум децении, на кој присуствуваа 100 светски лидери.