„Колективниот стил го спасува паланчанецот, ветувајќи му ја сигурноста
на мртовецот“ (Радомир Константиновиќ)
Политики на паланката (5)
Како што покажавме, паланката е брутална кога станува збор за потсмев: таа на луѓето им ги враќа „вистинските имиња“, давајќи им прекари „повистинити“ и полни потсмев: Пикасо за некој сликар-аматер, кој, кутриот, се обидува да си ја спаси личноста од задушување во колективниот дух на паланката, или Пречесниот за некој што го осудува паланечкиот неморал. Меѓутоа, таа самата не поднесува никаква хумористична забелешка. Во таа смисла, секоја тоталитарна власт е во суштина со паланечки менталитет.
Се сеќавате ли колку повеќе се смеевме порано? Доволно е да помислиме само на К-15: немаше ниедна грешка на претходните власти, од сите гарнитури, која кај нив не беше шармантно искамшикувана со скокотливиот хумор на Монти Пајтон. Можеме да се сетиме и на театарските претстави во кои се исмеваше власта. Кој не се сеќава на претставите на Сашко Насев, на она вонбрачно дете што се викаше Цеко, затоа што неговиот анонимен татко бил некој од ЦК (за помладите: Це-Ка, Централен комитет на Комунистичката партија). Не ретко се случуваше самата власт да седи во првиот ред на тие претстави и да се смее самата себеси, како човек што првпат во огледало гледа дека има смешни мустаќи. Говорам и од лично искуство: Тито Петковски, еден редок господин во политиката (која тогаш уште не беше тотална паланка) и исклучок од сојот на политичарите затоа што високо ја почитуваше уметноста, редовно доаѓаше на моите претстави и се смееше на отворените комични алузии на власта, а потоа разговаравме. Голем број (нормални) челници од ВМРО-ДПМНЕ, седнати во првиот ред, се кикотеа кога во комедијата „За секого има по една“, двајца свирачи Роми, откако ќе се сетат каде да најдат ракија кога сè е затворено, ќе го изговореа на гробишта (таму има пиво и ракија и ноќе, оставени за душа) слоганот на Партијата, како нивна сопствена животна филозофија: „Знаењето е сила, знаењето е моќ!“
А денес, откако паланката сурово се рашири низ целото општество – молк. Зошто сега по репертоарите на театрите се играат главно „странски комедии“, од „светски познати автори“? Дали можеби затоа што странските комедиографи не прават директни алузии на македонските политички шарлатани, туку се потсмеваат на некој „општ дефект“? Паланката не сака конкретности, таа сака општости. Дали К-15 веќе ги нема затоа што „им минало времето“, или пак затоа што го чувствуваат тоталитаризмот на паланечкиот дух за кој хуморот е смртен грев против власта и ВЕЧНИОТ ПОРЕДОК НА ПАЛАНКАТА? И, ако веќе К-15 се изморени, зар меѓу младиве нема ниеден Бранислав Нушиќ или Коле Ангеловски, кој би создал ново критичко-комично јадро – К-16, К-17, К-18…?
Уплавот од хуморот е само врв на паничниот страв на паланката дека некој би можел да ја АНАЛИЗИРА. Политичката паланка бара само мир, за да може да се занимава со својот прагматизам и со своите фетиши: полнење на џебовите и празнење на сексуалниот нагон (за гениталиите и односот на паланката кон нив, во следните колумни). Членовите на партиите, кои се само запченици во големата идеолошка машинерија, личат сите еден на друг. Стутулени, во исти костуми купени од Партијата, имаат амбиции да ги имитираат изгледот и импостацијата на водачот, неговите гестови (без да знаат дека при таа имитација се натпреваруваат со супериорното суштество за имитација – мајмунот), но главно НЕ ГОВОРАТ, туку СЛУШААТ. Со тоа се вклопуваат во општиот, колективен дух на паланката (партијата), како ЧИСТИ припадници: „Духот на паланката се укажува како дух на ангелска чистотија и мир во неа… тој е толку спокоен, што не говори, та дури нема ниту НАГОН за говор“ (истакнатото мое), вели Константиновиќ. А суштество што нема ниту нагон за говор е бесловесно суштество: хуморот за него е илјадници светлосни години далеку, во друга, недопирлива галаксија.
Таа паланечка АПСТИНЕНЦИЈА, не само од хумор туку и од говор воопшто, идеално се гледа во Собранието: има пратеници на кои гласот не сме им го слушнале, а застапуваат народ што ги гласал. Тие се ПЛАШАТ да говорат дури и кога имаат нагон да говорат: да не би да го повредат општиот канон на Партијата, тотемот и табуто, светото писмо на паланката, напишано и потпишано од племенскиот водач. Второ, имаат уплав од говор, зашто говорот е ЖИВ ЈАЗИК, па може да дојде до „лизгање на значењата“ на зборовите во реченицата. Поточно, можно е да настане НЕДОРАЗБИРАЊЕ со општиот дух на паланката=партијата, па да се заврши на информативен разговор кај „вождот“. Константиновиќ го кажува тоа далеку подобро од мене: „Говорот е изневерување на речникот, сфатен како апсолутно статичен свет на зборовите кои и се зборови, затоа што гарантираат трајност. Дури и обидот да му се биде верен на речникот е негово „изневерување“, откако зборовите „ќе паднат“ од речникот во реченица, во нејзиниот вител. Реченицата го преобразува, и со тоа го валка зборот. Таа е валкање на идеалната невиност на спокојните зборови, оттргнати од спокојството на речникот. Светот на паланката се обидува да се врати од реченицата на зборот, од говорот во речникот, а всушност – да молчи онака како што говорот не речникот надвор од реченицата е говор на молчење“.
Секој говор, а не дај боже хумористичен, е опасност за тотемот на паланечката и партиска Вистина, која е догма и која, како и секоја догма, не смее да се преиспитува, туку бара само апсолутна вера и послушност. Кој ќе се посомнева, ќе се соочи со она што Константиновиќ го именува како памфлетизам на паланката, нејзино основно оружје: „Основното својство на памфлетизмот, својство на пресметка во име на веќе познатата, однапред дадена вистина, е својство противфилозофско и противпоетско, затоа што е својство против секаков вид ТВОРЕШТВО“ (истакнатото мое). Метафората, вицот и досетката како „најкондензирани“ форми на сознание (и метафората и хуморот ги спојуваат противречностите и наоѓаат сличности во НАВИДУМ различното) се нуклеарна опасност за политичката паланка. Затоа, таа ќе прави сè да им отсвири посмртен марш на комичарот и уметникот. Тие се непожелни на нејзината територија, а партиско-паланечката територија е државата. Онаа невидливата, со институции што владеат и кои се лостови на идеолошката моќ, а не се гледаат: министерства, комисии за разни области, „експертски“ групи и слично.
Смеата е забранета, освен ако не е насочена кон политичкиот противник. „Духот на паланката, лишен од чист хумор, поради тоа е упатен кон сатирично-саркастичната смеа во која очајот се меша со ОМРАЗА“, вели Константиновиќ, како да пишува за нашата политичка паланка. И да: дури и поплавата од „англизми“ во нашиот говор е само очајничко држење до речникот и отфрлање на говорот, во кој зборовите можат да добијат „поинакви значења“. Упорното користење на терминот team-building (и кај „проевропските“, а сега веќе, откако се на власт, и кај „роднокрајните“ паланчани) како да им дава сигурност пред вождот, затоа што „се знае што се подразбира под тоа“. Кој бил на team-building знае, и нема потреба да користи израз „унапредување на тимот“. Тоа се опасни зборови на македонски ГОВОР. Непроверени се, зашто се од мајчиниот јазик. Поарно пред вождот да кажеш (макар кирилично) ТИМ БИЛДИНГ, одошто „унапредување на тимот“, па да те разбере погрешно и да му се замериш…