Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната меѓувладина седница во Приштина истакна дека очекува следната година економската соработка меѓу двете земји да достигне половина милијарда евра.

– Следната година економската соработка ќе биде над половина милијарда евра, вклучително и трговската размена меѓу нашите две земји. Во следните години ќе работиме во насока на тоа економската соработка да биде уште поголема, бидејќи тоа ќе ни донесе придобивки за двете земји, рече Мицкоски – објави државната Радио телевизија на Косово (РТК).

Премиерот потенцира дека и потпишувањето на денешните договори кои се од областа на енергетиката, граничната и на економската област се во таа насока.

– Ќе бидам среќен доколку за неколку недели од денеска, имаме еден граничен премин, каде граѓаните ќе застануваат на еден премин, а не на два. На овој начин нема да има метежи на границата и ќе се забрза трансферот на граѓаните – рече тој.

Косовскиот премиер Албин Курти ја истакна важноста на добрососедството и целосното спроведување во пракса на секој договор што ќе биде потпишан.

– Република Косово и Република Северна Македонија немаат несогласување. Имаме отворена комуникација и опсежна соработка. Ние сме соседи, пријатели и партнери поврзани не само преку трговијата, туку и преку врските меѓу нашите семејства и бизниси кои стануваат се посилни и посилни – потенцира Курти.

Тој рече дека оваа средба доаѓа и во чест на 15-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји. Додаде дека досега се потпишани повеќе од 50 договори и меморандуми, потенцирајќи го нивното целосно и прецизно спроведување.

– Денеска ќе го унапредиме овој напредок со потпишување на два меморандуми и протокол во важни области како што се енергетиката, образованието и олеснувањето на слободното движење, нагласи Курти.