Македонија покажа и докажа во овие нешто повеќе од три децении независност дека е пионер кога станува збор за малцинските права, не ограничувајќи се во ниту еден дел на граѓаните од помалите малцински групи да им бидат доделени истите права, како и на мнозинскиот македонски народ.
И тоа не е од вчера, не е генерално ниту од независноста ако зборуваме реално, туку влече корени многу поназад во историјата. Имено, токму македонскиот народ е оној што бил најнапатен на овие простори, спречуван да формира своја држава кога сите наоколу ја создавале државноста, принудуван да се бори за туѓи интереси и во туѓи војни, да страда поради неправдите што му биле нанесувани… Но тоа никогаш не ги направи Македонците одмаздољубив народ, туку маката го направи да биде сочувствителен и широкоград, па затоа во оваа земја обичните луѓе меѓу себе никогаш не се гледале низ призмата на мнозинство или малцинство, туку на луѓе и нелуѓе.
За жал, без оглед колку земјава и да е предводник во европски, а можеби и во светски рамки околу промовирањето на малцинските права, таа и ден-денес е заложник на оние што не им дозволуваат никакви малцински права на Македонците. Да биде трагедијата уште поголема, се работи за две земји членки на Европската Унија, кои наместо со сопствени примери да демонстрираат почитување на малцинските права, тие го прават спротивното, отворено негираат постоење на какво било македонско малцинство на сопствените територии, без оглед што неговото присуство е потврдено од страна на релевантните европски институции за заштита на човековите права, но и од огромен архивски материјал и документи.
Како поинаку да се протолкува однесувањето на Грција и на Бугарија, освен како етноцидно, кои во 21 век не признаваат постоење ниту на македонски народ во неговата држава, а не, пак, македонско малцинство на нивни територии. Затоа беше целата ујдурма што ја започна Грција со името, за да го снема македонското малцинство од цела Беломорска Македонија, односно да сотре секаков македонски изблик што не успеала да го сотре со децениската репресија врз Македонците на северот на земјата. Се разбира, вина има и во македонската држава, која само што ја почувствува независноста, по првиот притисок се откажа од грижата за малцинствата, што ниту една друга земја во светот го нема направено.
И додека на Македонците во Грција им се забрани сѐ што можеше, па дури и онлајн училиштето за македонски јазик, официјална Атина покажува невообичаена широкоградост кога се работи за албанската дијаспора. Имено, албанскиот премиер Еди Рама денеска треба да одржи средба со албанската дијаспора во Солун со која ќе разговара за проблемите со кои се соочуваат Албанците во Грција. Во меѓувреме во Солун веќе се пристигнати припадници на албанската национална гарда и специјалната единица „Ренеа“, кои заедно со грчката полиција ќе се грижат за обезбедување на настанот. Еди Рама на сличен собир присуствуваше и во мај во Атина, а за обата настана грчките власти изјавија дека се работи за приватна посета и дека Грција како демократска земја нема да спречува вакви собири.
Сето тоа е убаво и има некаков демократски призвук, но само кога не се работи за Македонија. Ако се споменат Македонците во Грција, тогаш ја снемува демократијата и се враќаат сеништата од минатото, се протестира, се спречува секаков културен изблик, се попречува секаква манифестација што значи каква било промоција или потврдување на македонското малцинство на грчка територија. Таму нема луѓе и нелуѓе, туку само Грци, ако кажеш Македонец, отидоа и мајка и шајка. Може само да претпоставиме што ќе се случи ако некој македонски премиер покаже желба да се сретне со македонската дијаспора во Грција, во Солун или Атина. Еве, ние сме скромни и не мора да правиме собири во толку големи градови, не мора да одат ни нашите „волци“ или „шкорпиони“ да им помагаат на грчките полицајци, ама може да му се дозволи на некој наш премиер, претседател, па и министер, пратеник или друг функционер, да направи еден таков собир во Кукуш, Воден или во Лерин, ние не сакаме толкави помпи и докажувања. Па дури и оние што ја потпишаа Преспанската спогодба и се смееја фатени за раце кренати во вис додека Нивици тагуваше над македонската судбина, не се осмелија да направат една средба со нашинците во Грција, оти нели, со Преспанскиот, до граница има Македонци, а потоа нема ниту еден. Чудни некои граници имаме на југ и исток, херметички, толку непропустливи, што Македонците останале заробени само во овие 25.436 километри квадратни колку што ни е државата. До душа ги имаше во Албанија, ама и таму нешто почнаа да исчезнуваат, така што ако некој наш лидер не се сети да почне да ја применува тактиката на Рама за почести средби со македонската дијаспора и во соседните држави, тогаш македонското малцинство ќе го снема и во Албанија и во Косово, но и во Србија.
Како и да е, Рама денеска ќе си одржи собир во Солун и уште ќе го обезбедуваат и албанските елитни сили, еј албански специјалци на грчка територија! Факт е дека Грција не му прави никакви опструкции на Рама, без оглед на карактерот на неговата посета. Малку е веројатно дека тоа ќе може да го направи кој било македонски премиер или претседател, макар и тој да сака некаква приватна средба со нашинците. Очигледно нашите политичари можат таму да појдат само на одмор, како туристи, онака како што за секој продолжен викенд или летен одмор го прават тоа стотиците илјади македонски граѓани, без оглед што се предмет на постојано изживување на грчката граница чекајќи по три-четири, па и повеќе часови за влез на грчка територија, иако не е сезона и реално нема причина за толкав застој.
Но нејсе, тоа што албанскиот премиер може да се среќава со албанската дијаспора во Грција, а официјална Атина спречува секаков изблик на македонското малцинство, е класичен пример за дискриминација и непочитување на малцинските права. Ако според грчкиот устав сите се Грци, тогаш со кого се среќава Рама? Со Грците?
Крајно време е македонските власти да престанат со инфериорната надворешна политика во делот на грижата за малцинствата и да ги вратат работите на вистински колосек. Тоа значи дека, ако еве Преспанскиот договор бил „ремек-дело“ како што тврди ЕУ, тогаш сите недоразбирања се надминати и нема причина повеќе Грција да го угнетува и негира македонското малцинство. Никој нема да им ги земе ниту Солун, ниту Халкидики, освен нашите туристи, се разбира, и оние што си купија понекој плац, а оние позаслужните, богами и хациенди на краците.
Со други зборови, ако Грција сака да биде вистински пример за демократија, тогаш наместо да опструира, треба да ги стимулира активностите на македонското малцинство и да дозволи и тие да се идентификуваат онака како што се чувствуваат, како Македонци. Македонија постојано подава рака, но засега никој од грчка страна не возвраќа на подадената рака. Можеби еден ден, како што напати ќе се појави по социјалните мрежи понекое видео со развиорено македонско оро од Овчарани, истото македонско оро ќе се рашири и низ другите населени места низ Егејска Македонија, со што конечно ќе се потврди дека Грција созреала како демократска држава. Сѐ друго, за некаква колепка на демократијата и слични глупости, е само обична пропаганда.