Тешката вистина: Американците не им веруваат на медиумите

Во годишните јавни истражувања за довербата и угледот, новинарите и медиумите редовно паѓаат блиску до самото дно, честопати веднаш над Конгресот на САД. Но во годинашната анкета на „Галуп“, успеавме да паднеме под Конгресот. На нашата професија сега ѝ се верува најмалку. Нешто што правиме очигледно не функционира.
Да дадам аналогија. Гласачките машини мора да исполнуваат две барања. Тие мора точно да ги бројат гласовите, а луѓето мора да веруваат дека тие точно ги бројат гласовите. Второто барање е различно и исто толку важно како и првото.
Исто е и со весниците. Мора да бидеме точни и мора да ни се верува дека сме точни. Тоа е горчливо апче за голтање, но ние потфрламе на второто барање. Повеќето луѓе веруваат дека медиумите се пристрасни. Секој што не го гледа ова, обрнува малку внимание на реалноста, а оние што се борат со реалноста губат. Реалноста е непоразен шампион. Би било лесно да се обвинат другите за нашиот долг и континуиран пад на кредибилитетот (и, според тоа, падот на влијанието), но менталитетот на жртва нема да помогне. Жалењето не е стратегија. Мора да работиме понапорно за да го контролираме она што можеме да го контролираме, за да го зголемиме нашиот кредибилитет.
Поддржувањето претседателски кандидат од весникот нема да биде пресудно за изборите. Ниту еден неопределен гласач во Пенсилванија нема да каже: „Ќе се одлучам според поддршката на весникот А“. Никој. Она што всушност поддржувањето на одреден кандидат го прави е создавање перцепција за пристрасност. Перцепција на зависност. Да се ​​стави крај на таа практика е принципиелна одлука, и тоа правилна. Истото го мислеше и Јуџин Маер, издавач на „Вашингтон пост“ од 1933 до 1946 година, и тој беше во право. Само по себе, одбивањето да се поддржат претседателските кандидати не е доволно за да нè подигне значително нагоре на скалата на доверба, но тоа е значаен чекор во вистинската насока. Посакувам да ја направевме промената порано отколку што го сторивме тоа, во момент подалечен од изборите и од емоциите околу нив. Тоа беше несоодветно планирање, а не некоја намерна стратегија.
Исто така, би сакал да бидам јасен дека не станува збор за никаков вид услуга. Ниту еден штаб на кампањата ниту претседателски кандидат не беа информирани, ниту беа направени консултации со нив на кое било ниво или на кој било начин за оваа одлука. Направена е целосно внатрешно. Дејв Лимп, главниот извршен директор на една од моите компании, „Блу ориџин“, се сретна со поранешниот претседател Доналд Трамп на денот на нашето објавување. Воздивнав кога дознав, бидејќи знаев дека ќе им обезбеди муниција на оние што би сакале да го наведат ова како нешто друго, освен принципиелна одлука. Но факт е дека не знаев за состанокот претходно. Дури и Лимп не знаел за тоа однапред; средбата беше закажана брзо тоа утро. Нема поврзаност помеѓу неа и нашата одлука за претседателската поддршка, а секоја сугестија оти е поинаку е лажна.

Кога станува збор за појавата на конфликт, јас не сум идеален сопственик на „Вашингтон пост“. Секој ден, некаде, некој извршен директор на „Амазон“ или на „Блу ориџин“ или, пак, некој од другите организации и компании што ги поседувам или во кои инвестирам, се среќава со владини претставници. Еднаш напишав дека „Вашингтон пост“ е „комплициран“ за мене. Така е, но излезе дека и јас сум комплициран за „Вашингтон пост“.
Моето богатство и деловни интереси можете да ги гледате како бедем против обидите за заплашување или можете да ги гледате како мрежа од спротивставени интереси. Само моите сопствени принципи можат да ја свртат рамнотежата од еден на друг. Ве уверувам дека моите ставови овде се, всушност, принципиелни, и верувам дека моето искуство како сопственик на „Вашингтон пост“ од 2013 година го поткрепува тоа. Се разбира, вие сте слободни да одлучите сами, но ве предизвикувам да најдете еден пример во тие 11 години каде што надвладеав над кого било во „Вашингтон пост“, во корист на моите интереси. Тоа не се случило.
Недостигот од кредибилитет не се однесува единствено за „Вашингтон пост“. Нашите братски весници го имаат истиот проблем. И тоа е проблем не само за медиумите туку и за нацијата. Многу луѓе се насочуваат кон поткасти, неточни објави на социјалните мрежи и други непроверени извори на вести, кои можат брзо да шират дезинформации и да ги продлабочат поделбите. „Вашингтон пост“ и „Њујорк тајмс“ добиваат награди, но сè почесто разговараме само со одредена елита. Сѐ повеќе и повеќе си зборуваме сами со себе. (Не беше секогаш вака – во 1990-тите постигнавме навлегување во 80 проценти од домаќинствата во областа на Вашингтон).
Иако не го туркам и нема да го туркам мојот личен интерес, исто така, нема да дозволам овој весник да остане на автопилот и да избледи во ирелевантност – престигнат од неистражени поткасти и од социјалните мрежи – не без борба. Тоа е премногу важно. Влогот е превисок. Сега повеќе од кога било на светот му треба кредибилен, доверлив и независен глас, па од каде е подобро тој глас да потекнува освен од главниот град на најважната земја во светот? За да победиме во оваа борба, ќе треба да навежбаме нови мускули. Некои промени ќе бидат враќање во минатото, а некои ќе бидат нови изуми. Критиката ќе биде составен дел од сè ново, се разбира. Ова е начинот на кој функционира светот. Ништо од ова нема да биде лесно, но ќе вреди. Многу сум благодарен што сум дел од овој потфат. Многу од најдобрите новинари што можете да ги најдете работат во „Вашингтон пост“ и макотрпно се вложуваат секој ден за да дојдат до вистината. Тие заслужуваат да им се верува.

Џеф Безос

Авторот е сопственик на „Вашингтон пост“